Во посета на Општина Радовиш ученици од училиштето “Петро Кузмјак” од Руски Крстур, Србија
Триесетина средношколци вклучени во проектот за размена на ученици, кој се спроведува помеѓу СОУ Коста Сусинов од Радовиш и партнерското училиште “Петро Кузмјак” од Руски Крстур, Србија, денеска беа во посета на Општина Радовиш. Градоначалникот Ацо Ристов, заедно со директорот на гимназијата Миле Арсов, им посакаа срдечно добредојдена на учениците.
СОУ “Коста Сусинов”, Радовиш, во текот на оваа учебна година 2024/25 е вклучено во проект на размена на ученици “RYCO Superschools”, проект кој е кофинансиран од страна на Европската Унија и Германската влада, а е имплементиран од страна на GIZ и RYCO (Регионална канцеларија за соработка на млади во Западен Балкан).
Во рамките на овој проект радовишкото средно училиште е партнер со училиштето “Петро Кузмјак” од Руски Крстур, Србија. Проектот вклучува размена на ученици, односно во периодот од 24-ти до 30-ти Ноември 2024, група ученици од Радовиш, го посетија партнерското училиште во Србија, а сега во периодот од 23-ти до 29-ти Март 2025, група ученици од партнерското училиште се во посета на Радовиш. Координатори на проектот од Радовиш се професорките Катерина Сусинова и Венка Тадирова, а од партнер училиштето Наталија Будински и Лилјана Рудакијевич.
Насловот на проектот е “Да се биде или не медиумски писмен!” и главната тема која ја обработува проектот е медиумската писменост, но се опфатени и други теми за кои RYCO се залага, како што се: мир и помирување, меѓународен дијалог, почит за различни култури, идентитет и интегритет, хуманост и ненасилство, грижа за животната средина итн.
Активностите кои ги имааа учениците во Србија, а сепредвидени и кај нас се: работилници со учениците, посета на медиумски куќи, радио и подкаст станици, посета на општините, разглед на градот домаќин со цел запознавање со културното и историското значење и слично.