ЈЗУ Здравствен дом, Радовиш, по повод неделата на глаукомот успешно спроведе две акции за бесплатно мерење на очен притисок
Голем интерес за мерење на очен притисок кај граѓаните од општините Радовиш и Конче. За два дена се прегледани 336 граѓани, од кои кај 31 е откриен покачен очен притисок.
Во организација на Здравствен Дом Радовиш успешно се спроведени две акции за бесплатно мерење на очен притисок во општините Радовиш и Конче, а по повод неделата на глаукомот. На вчерашната акција во Конче биле прегледани 192 пациенти и кај 19 биле откриен висок очен притисок. Денеска во Радовиш се прегледани 144 лица и кај 12 е откриен висок очен притисок.
Според директорот Стојанче Петров, оваа превентивна активност е наменета
пред се за граѓаните кои наполниле 40 години, кои имаат некој од семејството
што страда од глауком и оние кои имаат хипертензија или дијабет. Покачениот очен притисок се смета за
главен фактор на ризикот при развојот на глауком.
„Глаукомот
се дефинира како оштетување на очниот нерв, како резултат на покачен очен
притисок. За негова дијагноза, мора да имаме некакви промени на очниот
нерв. Ако имаме само покачен очен притисок, тоа се вика окуларна хипертензија.
Ако имаме оштетување на очниот нерв, карактеристично по изглед за глаукомот, а
истовремено нормален очен притисок, тоа се вика нормотензивен глауком, вели
докторката Весна Пешева Јанковски офталмолог во ЈЗУ Здравствен дом, Радовиш.
Таа спомна дека денеска мерат со современ безконтактен
апарат за кој се надеват дека наскоро ќе го имат и тие во очната амбуланта за
полесно и побрзо мерење на очен притисок.
Засега тие вршат
мерење по пат на анестезирање на корнеата и со апаратче со допир.
Нормалните
вредности на очниот притисок се движат во распон од 8 до 21 mmHg. Според некои
статистики, горната нормална вредност е 22 mmHg или дури 24 mmHg. Важно е да се
напомене дека секое покачување на очниот притисок не значи дека личноста има
глауком.
Доколку оваа состојба не се третира на време може да доведе до комплетно оштетување на очниот нерв кое резултира со слепило.