Протестен марш против загадениот воздух во Струмица, поддршка дава и градоначалникот Костадин Костадинов
Во Струмица се спрема протестен марш против загадениот воздух. Поддршка дава и градоначалникот Костадин Костадинов кој тврди дека и покрај инспекциските надзори своеволието на одредени субјекти продолжува.
„Како Градоначалник на Општина Струмица и пред сѐ како човек, во целост го поддржувам мирниот протест инициран по повод екстремното загадување во Струмица. Заложбите и напорите, како на локалната, така и на централната власт, преку конкретни мерки да се редуцира степенот на фактичкото загадување очигледно не допираат до вистинските адреси. Работата на субјектите кои имаат ингеренции за контрола се континуирано на терен, но определени субјекти се посилни и над законите.
И покрај реализираните инспекциски надзори и опомени, своеволието на одредени субјекти продолжува! Не смееме да дозволиме граѓаните да се жртва на нечии лични интереси. Верувам дека можеме и умееме, а истовремено и апелирам, со синергија на различни нивоа на власт да се избориме со ваквите круцијални проблеми. Струмица и Струмичани заслужуваат да дишат (по)чист воздух и токму затоа, во знак на поддршка и подигање на алармот, во сабота ќе се приклучам на моите сограѓани на протестниот марш!“, вели Костадинов
Екоактивистите бараат и законски измени за поголеми ингеренции на инспекторите кои сега се потпираат на резултати од акредитирани лаборатории кои ги плакат самите фирми…
„Протестот за чист воздух на 1 февруари е борба за основните човекови права. Правото на живот. Правото на здравје. Правото на слободно движење. И пред овие права, нема партија, нема идеологија, нема убедување што е поважно. Сите сме исто ранливи кога го дишеме овој токсичен воздух, порачуваат екоактивистите.
Струмица во изминативе месеци неколку пати беше со препораки и мерки од државата да се заштитат граѓаните. Освен штетни ПМ честички во струмичкиот воздух има и високи концентрации на сулфур диоксид.