Директорот
на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски смета
дека е потребно да се набави нов државен авион, па и половен, за службени
патувања на владините функционери во странство, оти постојниот е стар
дваесетина години, има шест седишта и не ги задоволува потребите.
-Ако претендираме и сакаме да бидеме сериозна држава, треба да имаме соодветен воздухоплов, а воздухопловот што моментално го имаме, има само шест седишта, непрактичен е за поголеми делегации, често се расипува и поради тоа сметам дека треба да се размислува сериозно за набавка на нов авион, можеби и половен авион, но не постар од две-три години и по тоа прашање треба да се има еден заеднички консензус опозиција-власт, изјави директорот Томовски синоќа во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Во одговор на новинарско прашање, Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ вели:
„ Скандалозна и најблаго речено забегана е најавата на директорот на СОЗР дека власта сака да купува нов авион за владините фукцинери додека нема пари за плати за работниците, за поголема минимална плата, а гледаме дека нема ниту лекови.
Власта е одлепена од реалноста, луѓето не можат да врзат крај со крај, се мачат со секојдневните поскапувања и високи трошоци за живот, платите стагнираат, додека власта се лукзузира.
Најавата пак дека се размислувало и демек за половен авион е навреда на интелегнцијата на луѓето, станува збор за милионски бизнис зделки.
СДСМ е против и ќе се спротивстави на овие расипнички и погрешни политики на ДПМНЕ.