За православните христијански верници од денеска почнува двонеделниот Богородичен пост, кој е посветен на Успението на Пресвета Богородица.
Овој пост е востановен во молитвено сеќавање на Пресвета Богородица, а со цел во периодот на неговото времетраење уште поинтензивно да се изискува молитвеното застапништво од Пресветата Богомајка.
По својата временска должина тоа е најкраткиот од четирите годишни пости и трае 15 дена, односно секоја година започнува на денот на прославувањето на светите седум макавејци (1/14 август), а завршува на благденот Успение на Пресвета Богородица (15/28 август).
Станува збор за строг пост, се пости на вода, само во сабота и недела се јаде и масло.
„Строгоста“ на личното применување на физичката страна на постот зависи од личниот совет од духовниот отец кон своето духовно чедо.
Константата, пак, која треба да се следи во секој повеќедневен пост, а која никако не се „разблажнува“ е духовната страна на постењето. Духовниот пост секогаш подразбира одрекување од сите облици на грешни и зли мисли, желби и дела, додека телесниот пост е само неопходно помошно средство за успешна духовна борба против страстите.
Денот на празнувањето на Успението на Пресвета Богородица, 28 август, е неработен за граѓаните од православна вероисповед во земјава.