Вчера околу 20.30 часот во СВР Струмица од страна на Центарот за управување со кризи било пријавено дека малолетничка од Струмица движејќи се на патека кон манастирот “Свети Илија“, во близина на Струмица, паднала во дупка и се здобила со повреди. По примената пријава, од страна на полициски службеник е стапено во телефонски контакт со малолетничката, по што била утврдена и локацијата на која се наоѓа. Од страна на полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност и Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Струмица веднаш било излезено на лице место и по кратко време девојчето било пронајдено, а во координација со пожарникари од ТППЕ Струмица била извлечена од местото и предадена на екипа на Медицински центар Струмица, информира СВР Струмица.
Од Центарот за управување со кризи ја потврдуваат
информацијата дека синоќа околу 20.30 часот на 112 е добиен повик од возрасна жена која известила
дека нејзината 16 годишна ќерка е падната во провалија во близина на манастирот
Свети Илија над Струмица но не ја знае точната локација. Воедно известила дека
ќерката има повреди на главата.
Операторите
од 112 ја смириле видно вознемирената мајка и побарале од неа да ја извести
ќерката да се јави на 112 за да се утврди локацијата на која се наоѓа.
Ќерката се
јавила на 112 исплашена и вознемирена, кажала дека има повреди на главата и
дека не знае да го посочи точното место на кое паднала. Операторите од 112
преку системот на 112 ја утврдиле точната локација а оперативците од Секторот
за операции и координација од ЦУК итно ги известиле СВР Струмица, ТППЕ Струмица
и Итната медицинска помош од Струмица. Сите посочени екипи веднаш излегле на
терен, ја пребарале посочената локација и откако најпрво викајќи оствариле
гласовен контакт со повреденото и исплашено лице набргу потоа успеале да ја
најдат.
Девојчето е
извлечено и се наоѓа во струмичката болница.