По Божик, православните христијани на 14 јануари, го одбележуваат денот на свети Василиј Велики во народот познат и како Василица односно Стара нова година. Според обичаите на тој ден се прави домашна погача во која домаќинките ставаат паричка, пеењето на василичарските песни во кој треба да биде опфатен тропарот на свети Василиј Велики, а некаде се практикува и палењето на огнот кои треба да ја симболизира светлината Божја во новата година.Голем број македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики го слават својот именден.
Старата година се испраќа и со палење василичарски огнови, кои се симбол на божествената светлина што, според народное верување, ги прогонуваат лошите сили а според црквата е пагански обичај.
Инаку, Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, а завршил школо во Атина. Тој бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Од Атина повторно заминал во Ерусалим каде на триесетгодишна возраст бил покрстен од страна на епископот Максим во реката Јордан и потоа ракоположен за отец во црквата. Според христијанското верување, Свети Василиј го раздадел својот имот на сиромашните ставајки златници во лебот и тргнал во 357 година кон Александрија, Египет, Палестина и Месопотамија, учејќи го монаштвото. Во областа на монаштвото оставил и многу поуки. Зборувал и пишувал прекрасно за покајанието, пороците и добродетелите, смртта и воскресението на душата, спасението. Во 360 година бил поставен како ѓакон, а подоцна и како свештеник. Свети Василиј Велики се упокоил на 14 јануари во 379 година. Како светец бил прогласен по неговата смрт.