Министерството за економија ги повикува сите граѓани во државата редовно да си ги подмируваат обврските кои ги имаат кон енергетските компании, откако повторно настанаа инциденти околу бесправно користење на струја, овој пат во село Слупчане.
„Секој граѓанин кој се снабдува со електрична енергија во државата има обврска да плати за електрична енергија толку колку што потрошил.
Министерството за економија согласно надлежностите кои произлегуваат од Законот за енергетика, креира клима со цел да се намалат загубите во пренос на електрична енергија како и неовластено користење на електрична енергија.
Затоа повикуваме дека секој граѓанин треба да плати за тоа што го потрошил бидејќи така функционира пазарната економија. Ги повикуваме сите надлежни институции да постапат согласно нивните надлежности и да се реши проблемот со снабдување со електрична енергија во Слупчане и околните села и да се овозможи работа на екипите на ЕВН Македонија“ стои во соопштението од Министерството за економија.
Инаку, како што претходно информираа од ЕВН, жителите од село Слупчане бесправно манипулираа со трафостаниците, оставајќи го нивното и соседните села без струја.
Тие бараат да им се простат долговите и да не плаќаат повисоки сметки на струја од 3.000 денари.