НАУЧНИЦИТЕ открија
генетска модификација која ги штити глувците од развој на рак и им овозможува
да живеат до 20 отсто подолго. Ова откритие е особено ветувачко бидејќи
позитивните промени може да се пренесат на глувците по само една
трансплантација на крвни матични клетки. Постапката наскоро би можела да
се тестира на луѓе за лекување на рак.
Имено, експертите од
Медицинскиот универзитет во Тајпеј во Тајван пронајдоа ген кој при модификација
може да го продолжи животниот век на глувците за 20 отсто, односно овој процес
на генетска модификација ги подмладува животинските клетки и го одложува падот
на когнитивните способности и слабеењето на срцето, пишува New Scientist .
Животниот век на глувците е продолжен за 20%
Истражувањето, кое сè уште не
е рецензирано, вели дека придобивките од процедурата може да се пренесат на
глувците со една трансплантација на матични клетки на крвта. „Беше големо
изненадување. Досега не најдовме никакви негативни несакани ефекти“, изјави
генетичарот од Че-Кун, Џејмс Шен.
Шен и неговите колеги генетски
модифицирале глодари во лабораторија, додавајќи мутирана верзија на генот KLF1. На
крајот од експериментот, глувците живееле подолго, биле невообичаено активни во
средната возраст и не станале сиви толку рано. Тие потоа ја инјектирале
својата крв во група немодифицирани глувци.
Глодарите на кои им бил даден
модифицираниот протеин живееле во просек пет месеци подолго, односно нивниот
животен век бил продолжен за 20%. Тие исто така биле поздрави подолго
време, а нивните физички и ментални перформанси почнале да опаѓаат подоцна
отколку кај немодифицираните глувци.
Постои KLF1
Сите луѓе веќе го имаат во
себе генот KLF1, кој го регулира производството на нови црвени крвни зрнца. Но,
според научниците, глувците на кои им било вбризгано мутирано KLF1 преку една
трансплантација на клетки на коскена срцевина имале значително помал ризик
(12,5%) за развој на рак во споредба со другите глувци (75%). Отпорноста
на рак на мутираните глувци KLF1 не зависела од нивната возраст, пол или
генетско потекло, се вели во студијата.
Истражувањето, насловено како Хематопоетски трансфер на
антиканцерогените и можностите за продолжување на животниот век на генетски
модифицираниот крвен систем, беше објавено на BioRxiv.