Во непосредна близина на Тетово, беше свечено одбележан почетокот на работите на новата автопатска делница Тетово – Гостивар која е дел од Коридорот 8 и низ која и сега минуваат околу 12 илјади автомобили дневно. Проектот ќе го реализира американско – турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, а заедно со другите три делници кои што ќе се градат во наредните 4,5 години вкупната вредност на овој најголем до сега инфраструктурен проект кај нас изнесува 1,3 милијарди евра. На свеченоста присуствуваа претставници на Владата, на конзорциумот, дипломати и претставници на политички партии.
„Денешниот чин, е почеток на сериозен стратешки и државнички подвиг, чија придобивка и благодат ќе ја гледаат сегашните и идните генерации на нашата земјата но и на двете наши соседни земји кон исток и кон запад кои ги поврзува Коридор 8, и на сите кои ќе минуваат низ него“, истакна премиерот Димитар Ковачевски, додавајќи дека со геостратешката позиција и Коридорот 8 ние стануваме неизбежна транспортна рута како во регионот така и пошироко.
„Изградбата на модерен, современ автопат Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан, денеска покажува дека е конкретна, реална и остварлива цел која е во интерес на граѓаните, за нивен подобар живот и просперитет на бизнис заедницата. Секој автопат носи можност за нови бизниси и економски развој. Нови бензински пумпи, нови хотели, ресторани, деловни објекти, повеќе вработувања, подобро платени работни места, поголема конкуренција и побрз развој“ рече Ковачевски.