Денеска православните христијани го празнуваат празникот Прочка, празник за проштевање и
очистување од гревовите. Тоа е празник со непостојан датум, а денот не го менува.
Не се врзува со календарот, со конкретен датум, туку е поврзана со
Велигден. Кога ќе се празнува Прочка зависи од тоа кога се празнува Велигден,
односно седмата недела по Прочка е Велигден.
Со празникот Прочка се поврзани голем
број обичаи и верувања. Прошка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а
постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.
Обичајот проштевање тргнува од христијанското
сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и
небото и земјата се проштеваат па тоа треба да го сторат и луѓето.
Небото затоа што и погрешило на земјата со
громови, мразеви поројни дождови и сл. бара прошка. И луѓето еден од друг
бараат прошка за грешките. Притоа секогаш помалиот бара прошка од постариот,
децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштеваат и пријатели,
роднини, соседи итн.
Седмицата пред Прочка се нарекува уште и
сирна (сиропусна) недела, затоа што во тие денови не се јаде месо, туку се
јадат млеко и јајца и производи што ги содржат нив. Со месо се запостува
претходната недела навечер, кога последно се јаде месо и потоа, дури на
Велигден. Таа се нарекува и Бела недела.
Проштална
недела или Недела на проштевањето е зашто Седмицата завршува со неделата во
која луѓето си проштеваат едни на други, за да ги остават и гревовите со
оставањето на мрсната храна, а во постот да се воздржуваат и од гревовноста.
На Прочка верниците меѓусебно си простуваат
пред почетокот на Велигденскиот пост со заедничката вечера во
семејството на која се запостува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање
јајца за децата, што претставува детска радост и добро расположение.
А
вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење,
запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден ја
отвораме и замрсуваме со црвено јајце.
Понеделникот
по Прочка се вика Чист Понеделник и тогаш започнуваат долгите Велигденски
пости. На овој ден се чисти куќата, особено се внимава садовите за храна да се
измијат.