Советот одржа итна седница, Општина Радовиш ќе донира 500 илјади денари за помош на настраданите во земјотресот во Турција и Сирија
Половина милион денари ќе издвои Oпштина Радовиш од својот буџет за хуманитарна помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија.
За таа цел Советот на Општина Радовиш денеска одржа итна седница на која по краткото образложение на градоначалникот Ацо Ристов Советниците едногласно ја изгласаа Предлог- одлуката за обезбедување финансиска помош.
„Итната 25 седница се свика со цел обезбедување на итна финансиска помош од буџетската резерва на Буџетот на Општина Радовиш за 2023 година како донација за Република Турција и Сирија по катастрофалниот земјотрес што ги погоди земјите со големи човечки загуби, повредени граѓани како и голема материјална штета. Решивме да ги донираме сите средства во износ 500 илјади денари од од буџетските резерви за помош на овој народ погоден од катастрофалниот земјотрес“, рече градоначалникот Ацо Ристов по завршувањето на седницата и притоа апелира до граѓаните, до компаниите кои се во можност да донираат на сметката за таа намена во Црвек крст.
Советникот Енис Омер изрази благодарност до Општина Радовиш, до градоначалникот и до колегите советници за покажаната хуманост, Тој рече дека е во комуникација со негови пријатели од погодените општини во Турција, кои му рекле дека состојбата е ужасна, но се благодарни што се живи. И тој апелира до граѓаните да помогнат колку можат.