Од денеска започна второто полугодие за основците и средношколците, од учебната 2022/2023 година. Со одлука на Владата, зимскиот распуст беше продолжен и почетокот на наставата одложен од 18-ти на 23 јануари поради заштита на здравјето на учениците и заштеда на електрична енергија за греење.
Учебната година како што беше претходно најавено ќе заврши на 14 јуни наместо на 9 јуни (петок) затоа што, како што изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири, учениците треба да ги одработат сите 180 работни наставни денови утврдени со Календарот за воспитно-образовниот процес во училиштата.
Инаку како што информираат од МОН се подготвува нов закон за учебници, за што се пшовикува јавноста да даде придонес во креирање на квалитетно решение.
„Со цел подигнување на квалитетот на содржината на учебниците како и подобрување на процесот на откуп и одобрување на учебници во основното и средното образование Министерството за образование и наука и Педагошката служба иницираат процес за изработка на нов Закон за учебници за основното и средното образование.
Почитувајќи ги принципите на транспарентност и инклузивно креирање политики и законски решенија, МОН и Педагошката служба упатуваат повик до сите заинтересирани, да го разгледаат постојното законско решение објавено на следниот линк, кое е основа за изработка на нов закон и да дадат свои сугестии и предлози на електронската адреса kabinet@mon.gov.mk, најдоцна до 28.02.2023 година“, соопштуваат од МОН.
Од Мон додаваат дека потребата од ново законско решение во интерес на образовниот систем и квалитетот на воспитно – образовниот процес во државата е очигледна. „Неопходно е поставување на повеќе дополнителни филтри за контрола при изработка и одобрување на содржината на учебниците, но и изнаоѓањето начин за поттикнување на што поголема конкуренција да учествува на јавните повици за одобрување на учебници“, стои во известувањето од МОН.