Православните верници денеска го слават големиот верски празник Свети Никола
Православните верници денеска го слават големиот верски празник Свети Никола, семејна слава на многу домаќинства. По тој повод во црковниот храм Света Троица во Радовиш
денеска беше одржана света божествена литургија на која присуствуваа голем број
верници.
Свети Никола е роден е во Патара, Ликија, Мала Азија околу 270 година, како единствено дете на неговите родители Теофан и Нина. При неговото крстење го добил името Никола кое во превод значи народен победник. Како дете, со голем восхит пристапувал кон проучувањето на Светото Писмо.
Неговиот духовен живот го стекнал преку неговиот чичко кој исто така бил црковно лице, замонашувајќи се во манастирот Нов Сион. По смртта на своите родители, Никола го продал целиот свој наследен имот и парите од продажбата ги поделил помеѓу сиромасите. Додека бил свештеник во својот роден крај, се прочул со делата на својата милостиња.
Свети Никола за животот ги подучувал луѓето,
лекувал, им помагал на сиромасите. Многумина не знаат, но Свети Никола станал
заштитеник на морнарите затоа што својот имот го користел за откуп на
заробениците. На христијанските
бродови обично се наоѓа иконата на светителот, а спроти денот на славењето
бродовите застануваат каде и да се наоѓаат, се фрла сидрото во морето,
морнарите ќе се помолат и ќе прославуваат цел ден, а утредента ќе го продолжат
пловењето. На иконите Свети Никола се претставува со својата архиерејска
одежда.
Уште додека бил жив, луѓето го сметале за светител и го повикувале на помош од страна на болните, несреќните и немоќните. Христијаните веруваат дека тој помагал на сите повици и дека од неговото лице сјаело светлост. Во својата старост се разболел и починал на 6 декември 343 година.