Во духот на молитвата, викендот Радовиш го одбележа патронот на градот „Свети Спасо Радовишки“
Во духот на молитвата, викендот Радовиш го одбележа Свети Спасо Радовишки, заштитник на градот. По одржаната вечерна богослужба во саботата во црковниот храм „Света Троица“ и покрај врнежливото време, сепак беше организирана голема вечерна литија до параклисот посветен на „Св. маченик Спасо Радовишки“.
Свештените лица од двата црковни храма од Радовиш одржаа молебен во присуство на верниците, меѓу кои беше и градоначалникот на Радовиш Ацо Ристов и други гости.
Празнувањето на заштитникот на градот Радовиш „Св. Спасо Радовишки„ продолжи и вчера со одржување на архиерејска божествена литургија во ЦХ „Света Троица“ во присуство на голем број верници. Во рамките на одбележувањето на заштитникот на градот Радовиш Свети Спасо Радовишки за прв пат беше органзирана и манифестацијата МЕДЕН РАДОВИШ, како и дефиле на близнаци , БЛИЗНАЦИ СМЕ, СВОИ СМЕ во организација на Општина Радовиш и центарот за култура „Ацо Караманов“ како и концерт на музичката група Троја од Радовиш.
Светиот Маченик Спасо бил голем верник по потекло од Радовиш кој маченички пострадал пред многу години за верата христова. Новомаченикот Спасо, Македонец, на дваесет години родителите го испратиле во Солун да учи занает. Таму го присилувале да прими ислам, но откако не се откажал од својата вера, бил измачуван, ги поднел сите страдања и одејќи кон бесилката измачениот Анастасиј (Спасо) паднал и ја предал својата душа на Господа. По неговата меченичка смрт, преподобниот Никодим Агиорит го напишал неговото житие.
Македонската црква неговиот празник го слави на 8 август според јулијанскиот календар, или 21 август според Грегоријанскиот календар.