Возењето под дејство на алкохол со најмалку 1,50г/промили во
крвта или пак под дејство на дроги и психотропни супстанци, возењето во забранет
правец, претекнувањето на колона возила на непрегледно место и возењето над 70
километри на час повеќе од дозволената брзина ако досега се казнуваше
прекршочно, со новите предлог измени во кривичниот законик се планира да се
казнува како кривично дело.
Притоа со новиот член 403 практично се вметнува ново кривично дело кое ќе гласи „Безобѕирно управување со моторно возило“, а за истото се предлагаат парични казни или казна затвор до три години.
Инаку како што информира МВР, само вчера имало 422 санкции за брзо возење.
„Во текот на вчерашниот ден (10.08.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на државата за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 422 возачи. Од нив 21 возило се движело со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а три возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа 211 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 211 надвор од населено место“, стои во известувањето од МВР од каде апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да се придонесе за побезбедни патишта.