По објавувањето на податоците од Пописот се појавија и првите рекации од политичките партии. Власта на СДСМ и ДУИ се пофали дека Пописот бил успешно завршен и дека се горди на истиот. Но од ВМРО -ДПМНЕ велат дека Пописот е нокомплетен.
„Доказ за тоа е бројката од 7.2% или повеќе од 132.000 резидентни
жители за кои што ДЗС покрај сите механизми не успеал да ја дефинира
припадноста. Едноставно ДСЗ не сакал, а не дека не можел да утврди етничка
припадност. Се работи за резидентни жители, од кои најголем дел се од Аеродром,
Ѓорче Петров, Центар, Битола, Велес, Кавадарци, Кочани, Охрид, Прилеп,
Струмица, Штип“, велат од ВМРО-ДПМНЕ во
соопштение до јавноста.
Оттаму
потенцираат дека одговорноста за ваквата некомплетност е на ДСЗ и власта на
СДСМ и ваквиот попис не смееше да се објавува додека не се дефинираше
припадноста на секој резидентен жител.
„По промената на власта и формирањето на влада
од страна на ВМРО-ДПМНЕ ќе се спроведен комплетен електронски попис по сите
европски стандарди кој ќе биде веродостоен и кој ќе ги нема недостатоците кои
што ги имаат овие пописни бројки“, нагласија од партијата.
Според првичните анализи на објавените податоци од пописот, и Демократскиот сојуз, оценува дека тие не се одраз на фактичката состојба. Во дијаспората, проценките се дека само околу 10% од Македонците се попишани, додека во Македонија, од резидентното население, претежно Македонци, над 130.000 не се попишани.
„Овие
бројки го наметнуваат заклучокот, дека пописот е неуспешен и за тоа треба да се
бараат причините и одговорноста. Има
многу фактори кои влијаеа да не успее пописот: деструкцијата и повикот за
бојкот на некои партии, лошите подготовки, методологијата за спроведување на
пописот, партизацијата, слабата обука на попишувачите, отсуството на контрола и
сл, велат од Демократскиот сојуз.
Демократскиот сојуз предлага да
се направат дополнителни вкрстувања и
проверки на податоците, а за нерезидентното население (иселеници) да се
спроведе дополнителен попис.
„Овој процес не беше ништо, освен една политичка операција изведена под палката на ДУИ, а одобрена од СДСМ“, велат од Левица од каде додаваат дека нема да го признаат овој Попис.
„Прво Законот го шверцуваа со европско знаменце, што не е случај во ниту една држава. Потоа имавме попис на дијаспора, што не е случај во ниту една држава, имавме попишување со само давање на матичен број, што ги крши сите меѓународни стандарди. Имавме ситуација да може трети лица да даваат лични податоци, што е забрането со меѓународни конвенции. Имаме ситуација документи за идентификација да бидат насловени во законот како ‘соодветни документи’, значи намерно не се прецизирани за да може да имаме манипулации. И на крај, врзаниот потпис на заменик директорот на ДУИ, за да може да ги добиеме овие, би ги нарекол, буквално фалсификувани и штелувани резултати кои што ги добивме.
Апостол Симовски призна дека 132.000 луѓе внеле само од базите, што значи дефакто дека тие луѓе бојкотирале – што значи пописот е НЕВАЛИДЕН! Ние гледавме како Груби, Османи и Бектеши агитираа во дијаспората на државен трошок само една етничка заедница да се потпишува, дури и странски државници како Курти и Рама лобираа. Според државјанствата издадени од МВР, се заклучува дека 300.000 лица не се попишани! Левица НЕ ГО ПРИЗНАВА овој попис и за сите кои учествувале во овој фингиран процес ќе има кривични пријави“, додаваат од партијата Левица.
Дека се направени сериозни пропусти во процесот на попишување, и дека се прекршени Уставот и бројни прописи, а многу граѓани не се попишани реагираат и од Турската заедница, Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Македонија, не ги признава и не ги прифаќа објавените бројки и проценти за Турците во пописот, оценувајќи ги истите како нерелани.
Тие посочуваат дека пред пописот укажале на несоодветната методологијата и недостатоци, како и на технички проблеми со софтверот и неинформираност на населението, но и на недостаток на попишувачи Турци, за што биле информирани надлежните институции во земјава и странство инволвирани во пописот.
И најголемиот и најзначниот политички субјект на бошњачката заедница во Македонија, Бошњачки демократски сојуз (БДС), изрази сомнеж за регуларноста на резултатите од пописот.
По барањето на ВМРО-ДПМНЕ за дополнителен попис во кој околу 132,000 бојкотирачи ќе добијат можност дополнително да ја внесат својата етничка припадност, директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски рече дека тоа нема да се случи.
„Откако базата со податоци ќе се затвори, отпосле таа не смее да се отвора и да се интервенира во неа со дополнување на податоци“, изјави Симовски. Тој призна дека бојкотот на толку голем процент од жителите на Македонија – околу 7 проценти од населението – влијае на исходот на операцијата, но нема да дозволи менување на процентите кои покажаа дека Македонците паднале на околу 54 до 58 проценти од вкупните граѓани, односно жители, а Албанците се одржаа на малку под 25 проценти од населението на Македонија, и скокнаа на 30 проценти од вкупниот број граѓани. Се смета дека најголем дел од бојкотирачите се етнички Македонци.
Со Пописот се попишани вкупно 2.097.319 лица, од кои 1.836.713 се резидентно население, а 260.606 лица се нерезидентно население.
Од резидентното население како Македонци се изјасниле 58,48 отсто од граѓаните, 24,3 се Албанци, 3,86 се изјасниле како Турци, 2,53 како Роми, 0,94 отсто се Власи, а 0,87 отсто Бошњаци.