Оперската дива, Милка Ефтимова доби Орден за заслуги на Република Македонија за афирмација на македонската оперска уметност
Претседателот Стево Пендаровски денеска на свечена церемонија ги одликуваше Милица Стојанова, Милка Ефтимова и Стојна Вангеловска со Орден за заслуги за Република Македонија и им додели признание Повелба на Факултетот за Драмски уметности, на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и на Националната установа Турски театар.
Милка Ефтимова која е по потекло од Радовиш, се одликува со Орден за заслуги за Република Македонија за нејзиниот исклучителен и траен придонес во развојот на оперското пеење, со што придонесе за афирмација на македонската оперска уметност на национално и на меѓународно ниво, како и за посветената и значајна педагошка активност.
На свеченоста која се одржа во Филхармонија на Македонија, претседателот Пендаровски во своето обраќање порача дека одликувањата се сатисфакција за посветеноста, за вложениот труд и за ефектите од него, на одликуваните. Но, тие се и нешто повеќе од тоа – тие се аргумент дека пошироката заедница поседува референтни точки врз основа на коишто може да ги гради понатаму своите развојни политики во сите витални општествени сфери. Освен што зборуваат за државните приоритети, одликувањата потврдуваат и дека во општеството постои јасно одбележана патека со критериуми за вреднување, во рамките на хуманите вредносни системи, порача Пендаровски.