Во
Петокот на 4 Март 2022 година ЈП”Плаваја” започна со пролетно садење
на цвеќиња во жардињерите на булеварот и низ други јавни површини во Радовиш, кои се предвидени со
Програмата за паркови и зеленило.
„И наместо сите да се радуваме во убавата глетка и цвеќињата кои ја најавуваат пролетта, да уживаме во нивните бои и природата која се буди, останавме занемени од сликата што ја затекнавме денес: СИТЕ ЦВЕЌИЊА ОТКОРНАТИ И УКРАДЕНИ“, реагираат од ЈП Плаваја, Радовиш.
„Жална слика која само ја отсликува нашата антикултура и антисоцијални навики. Вандалите не уништуваат само урбана опрема, тие почнаа да крадат и цвеќиња со кои се оплеменува урбаната средина.
Наместо да се грижат за цвеќињата, тие се украдени, ги нема во блиската околина и најверојатно украсуваат нечии прозорци или тераси. Дали вреди да се трудиме од семка да произведеме цвеќиња, а некој да ги краде?
Да
вреди, бидејќи имаме мисија Радовиш да биде урбана средина, Радовиш да биде
културен град со луѓе кои ја почитуваат животната средина и затоа ќе продолжиме
да го оплеменуваме просторот бидејќи тоа им го должиме на младите генерации, да
ги воспитуваме да почитуваат и да ја чуваат урбаната средина тука во Радовиш, а
не да се радуваат на фотографии покрај жардињери со цвеќиња од соседните
градови или од странство.
Се надеваме дека ова ќе биде последен пат и дека сите што ги приметивте како крадат цвеќиња ќе продолжите да ги пријавувате и да ни испраќате фотографии“ велат од ЈП Плаваја по повод овој немил настан.