Путин го објави почеток на воена операција во Украина и ги предупреди другите земји дека секое мешање во руските акции ќе доведе до последици какви што досега не се видени. Тој кажа дека нападот е потребен за да се заштитат цивилите во источна Украина, што САД претходно предупредија дека би можел да биде лажен изговор за инвазијата.
Во телевизиското обраќање, Владимир Путин им порача на украинските војници во регионот Донбас да го положат оружјето и да се вратат дома.
„Русија не планира да ја окупира Украина, но одговорот на Москва ќе биде брз ако некој ѝ се спротивстави на Русија. Украинскиот народ треба слободно да избере кој ќе ја води земјата“, изјави Путин
Украинскиот парламент, денеска го потврди указот на претседателот Зеленски за воведување воена состојба на територијата на целата земја, пренесоа украинските медиуми.
Најмалку осум лица загинаа, а девет се ранети во руските гранатирања утринава, изјави советник на министерот за внатрешни работи на Украина откако Русија изврши масовен воздушен и копнен напад врз соседната земја.
Русија рано утринава започна специјална воена операција за одбрана на народот во Донбас, а Украина прогласи воена состојба.
Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, утринава изјави дека нема да бидат дел од руската операција.