Лозарите од Конче го направија обичајот на празникот Свети Трифун, закроија и благословија за богат род
Православните христијани денеска го слават Свети Трифун празник познат по обредното закројување на лозјата, заштитник на лозовите и овошните насади. Лозарите и овоштарите од општина Конче денеска го прославија празникот свети Трифун. Традиционално органзирани ги посетија своите овошни и лозови насади и го направија обичајот, да закројат и да залијат со црвено вино но и да се помолат за бериќетна година.
Градоначалникот на Општина Конче Златко Ристов годинава
ги придружуваше лозарите и заедно со нив закрои. Тој заедно со
овогодишниот кум Ване Стојанов- Грне на лозарите им посака богат род и бериќетна
година.
По закројувањето веќе неколку години по ред прославата продолжува во манастирот Свети СТЕФАН, каде се собираат голем број лозари од Конче кои ја почитуваат оваа традиција, со вино и ракија да наздрават за уште една бериќетна година. Прославата ја организира избраниот кум од минатата година со помош на останатите лозари, со поддршка од општината и од спонзорства и истата освен со ручек е збогатена и со добра музика.
Кумот традиционално дели лепче со паричка за да се одреди кумот за наредната година кој ќе биде организатор на прославата.
Инаку Свети Трифун бил младо сиромашно момче со голема вера во бога и неговите молитви господ ги исполнувал, лекувал и им помагал на лугето, а се молел и за богат род на овошките и лозјето, затоа се смета за заштитник на лозарите и овоштарите, и не бил пијаница како што се мисли меѓу народот.