Министерството за труд и социјална политика соопштува дека согласно со Законот за празниците на РМ, 8 декември 2021 година (среда), ‘’Св.Климент Охридски”, е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија.
Свети Климент Охридски е роден во 840 година — починал на 27 јули 916 година во Охрид) — еден од првите средновековни словенски светци, научник, писател и просветител на Словените. Бил еден од најистакнатите ученици на Кирил и Методиј кои заедно се поврзуваат со создавање на глаголското и кириличното писмо, особено нивното распространување помеѓу христијанизираните Словени. Тој бил основач на Охридската книжевна школа или попозната како „Прв словенски универзитет“, од кој излегле 3500 подготвени ученици, и од страна на некои словенски народи се смета за покровител на образованието и јазикот. Тој се смета за прв Епископ Словенски со титула Епископ Велички.
Денеска Свети Климент Охридски се почитува како заштитник на Македонија, градот Охрид и Македонската православна црква. Во Бугарија е сметан за еден од седумте апостоли на Првото Бугарско Царство и еден од врвните светци на модерната Бугарија.
Во чест на светецот, во Македонија и Бугарија многу училишта, улици и државни институции го носат неговото име. Најголемата црква во Скопје (Соборниот храм) го носи името на Свети Климент, исто така Бугарската антарктичка база, универзитетот во Битола, Софискиот Универзитет и Националната и универзитетска библиотека на Македонија го носат неговото име.