Претседателот на
Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, на вчерашната прес-конференција ги објави прелиминарните
резултати од локалните избори што се одржаа во неделата.
Во првиот круг од
седмите по ред локални избори во Македонија, што се одржаа во 80 општини и Град
Скопје, победниците се утврдени во 34 од општините, додека во 44 општини ќе се
одржи вториот круг, кој е закажан две недели подоцна, на 31 октомври.
Според
прелиминарните резултати опозициската партија
ВМРО-ДПМНЕ обезбеди градоначалници во 22 општини, меѓу кои и Општина Босилово но и во неколку други поголеми градови како што се Велес, Прилеп и Штип. Социјалдемократски
сојуз (СДСМ) обезбеди победи во првиот круг во 9 општини, меѓу кои и Струмица. Валандово, Дојран и Богданци.
Демократската унија за
интеграција (ДУИ) во првиот круг извојува победи во 3 рурални општини.
„Подносителите на
листи на кандидати имаат право да поднесат приговори за постапката за гласање
во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето и приговори за собирање и
утврдување на резултатите 48 часа по објавувањето на првичните резултати“,
информираше Даштевски.
Тој објасни дека ДИК е
должна во рок од 48 часа по приемот на секој приговор да донесе одлука по
истиот, а доколку подносителот не е задоволен од одлуката на ДИК, може да
поднесе тужба до Управниот Суд.
Во вториот круг на 31 октомври во трката за градоначалник влегуваат и општините од Југоистокот
Радовиш, Конче, Гевгелија, Василево и Ново Село, како и во уште
неколку важни градови во земјата, како Битола, Охрид, Куманово, Тетово,
Гостивар, Кичево, Струга и Град Скопје.