Имено Сојузот на
синдикатите на Македонија како иницијатор на измените на Законот за работните
односи во насока на уредување на недела како неработен ден, а со цел
унапредување на работничките права и усогласување на националното законодавство
со меѓународните трудови стандарди, бара од претседателот на Комисијата за труд
и социјална политика во Собранието во најкус можен рок да закаже седница на
Комисијата за труд и социјална политика на која ќе се разгледаат предлог
измените на законот во второ читање кои се испратени до Собранието во јули оваа
година.
На тој начин велат од ССМ, ќе се исполнат сите законски претпоставки, измените на законот да бидат ставени на дневен ред на седница на Собранието, навреме , за да може работниците да го користат правото недела да биде неработен ден со почеток од први октомври оваа година како што беше договореното од сите социјални партнери во државата.
Работниците коишто ќе работат во недела ќе добијат поголема дневница и слободен ден, што ќе може да го користат во наредните седум дена. Станува збор за работните места каде што не е можен прекин на техничко-технолошкиот процес. На работниците ќе им следува додаток на плата за работа во недела и тие ќе добијат опција да имаат слободен ден во текот на неделата. Додатокот за работа во недела и за празници треба да изнесува најмалку 100 отсто од дневницата за секој час поминат на работа.