Creative Fellowship им овозможи на младите љубители на уметноста едно несекојдневно искуство и “туристичко“доживување на главниот град
Петата генерација на учесници во
Creative Fellowship програмата, имаа уникатна можност да ги посетат културните
институции во Скопје и одблизу да се запознаат со македонската култура и уметност.
Во новиот формат на образовната програма , на учесниците во Creative Fellowship 2021, по завршувањето на бесплатниот курс по англиски јазик и историја на уметност, им беше организирана еднодневна екскурзија, каде што младите вљубеници во уметноста имаа можност да ја искусат магијата на уметноста, да ја искусат невидливата страна, зад завесите, зад сцената… Младите креативци настапија на импозантната сцена на Македонскиот народен театар и ѕирнаа зад завесите на сцената.
Во текот на неколкучасовната обиколка, се запознаа со интересните приказни за Камениот мост, Скопското кале и Старата скопска чаршија, ги разгледаа импозантните градби и споменици на културата и се запознаа музејското и културно наследство на Република Северна Македонија. Музејот на современата уметност исто така ги отвори вратите за учесниците на Creative Fellowship , каде што имаа можност да ги погледаат изложените дела на над 30 локални, регионални и меѓународни млади уметници.
Во текот на
еднодневната екскурзија, 14-те надежни таленти од Радовиш, Штип и Конче,
преку забавна дружба ја искусија мистиката на уметноста и го потикнаа своето
креативно самоизразување. Дел од нив за прв пат влегоа во музеј и театар, а
некои за прв пат беа во стариот дел од градот. Групата имаше можност да доживее
едно незаборавно искуство и да се запознаат уметничките вредности на РСМ.
Годинава, од Северна Македонија, вкупно 16 учесници беа избрани, од кои 14 останаа до самиот крај на курсот и успешно го завршија. Во текот на наредниот период, се очекува и да биде избран победникот на овогодинешната програма, кој што ќе биде награден со бесплатно патување во Салцбург, Австрија. Оваа година, победникот е само еден од сите три држави (Северна Македонија, Украина и Гватемала).