Од 3500 до 4000 денари се движеше цената на едно јагне на пазарот во Радовиш, во пресрет на големиот верски празник Ѓурѓовден.
Утре се празнува големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец маѓу народот познат како Ѓурѓовден, кој спаѓа меѓу неподвижните празници и секоја година се паѓа на 6 мај според новиот, или на 23 април според стариот календар.
Граѓаните имаат обичај за Ѓурѓовден да купат и да заколат јагне за здравје или како што велат тие „курбан“. Во пресрет на големиот прзник денеска на градскиот пазар во Радовиш се продаваа јагниња, по 200 денари за килограм жива мера како што велат сточарите. Цената е висока но стоката ја нема велат тие, поради ниската цена претходните три години. Сточарите се пожалија дека сточарството полека изумира како дејност, младите не сакаат да чуват овци а потребно е обезбедување на пасишта, проблем со кој се соочуваат секојдневно.
Според црквата колењето на јагниња или
курбан е обичај кој не е во во духот на христовата вера и не
треба да се практикува . Потребно е само молитва а не и жртва.
Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само
христијанското туку и другото население, што од друга страна зборува за фактот
дека во неговата основа лежи некој голем претхрстијански празник во чест на
пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто, По тој повод во повеќе села се
слави Ѓурѓовден како селска слава и се
примаат гости од други населени места, а во црковните храмови се држи
божествена литургија.
Со Ѓурѓовден се
поврзани и голем број обичаи во радовишкиот крај, како закачување на зелено
гранче на портата на секој дом рано
наутро. Посебно значаен обичај што се изведува
на Ѓурѓовден е нишањето или лулањето. Според нашиот народ со Ѓурѓовден започнува
летната половина на годината која трае
до Митровден.