Денеска, ќе биде одбележана 17-годишнината од трагичното загинување на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата.
По тој повод претседателот Стево Пендаровски ќе положи венци со свежо цвеќе на гробот на претседателот Борис Трајковски и на вечните почивалишта на загинатите членови на неговата делегација на градските гробишта „Бутел“ во Скопје.
Делегации од Кабинетот на претседателот ќе положат свежо цвеќе и пред спомен-обележјето на местото на несреќата во Ротимле, во близина на Мостар, Босна и Херцеговина, и на гробот на еден од членовите на делегацијата во Велес.
И во време на на пандемија планинарите не се откажаа од маршот посветен на Борис Трајковски. 15 планинари од Струмица и Валандово и оваа година маршираа во чест на загинатиот претседател . За разлика од претходните 15 години , овој пат поради пандемијата маршот беше со скратена програма и се одвиваше во две етапи. Првата е од Струмица до Дедино, маршута долга 40 километри, а втората е во Скопје која ќе се реализира денеска на денот на загинувањето на Трајковски. Стартот како и секоја година беше направен од Струмица од пред споменикот на Борис Трајковски.
Борис Трајковски заедно со осумчлената делегација трагично загина во авионска несреќа што се случи на 26 февруари 2004 година во Ротимле во близина на Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролката Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот. Трајковски остана запаметен како поборник за мир и соживот помеѓу сите народи.