Туризмот е една од најпогодените индустрии од пандемијата, а заедничката цел и наша и на туристичко-угостителскиот сектор е оваа криза што побрзо да заврши и да се вратиме во нормала – порача министерот за економија, Крешник Бектеши во своето обраќање на Петтата туристичка берза организирана од страна на Националната асоцијација за дојдовен туризам-НАИТМ.
„Република Северна Македонија е една од земјите која го смета туризмот како приоритетен економски сектор благодарение на природните ресурси и културно – историските споменици, кои привлекуваат многу домашни и странски туристи. Владата на Република Северна Македонија веќе презеде низа активности во сите пет пакети на мерки кои што досега ги објавивме, се со цел во овие тешки времиња да се помогне на туристичката индустрија и да се зачуваат работните места. Токму овој сектор беше и најмногу поддржан и опфатен во сите пет сета мерки. Сакам да испратам порака дека и како министер за економија и како Влада ја следиме ситуацијата и ќе бидеме со овој сектор се до надминување на оваа криза. Токму од овие причини ги охрабрувам сите чинители да продолжат со активности за опоравување од кризата и позитивно заедно да настапиме со надеж дека оваа година ќе почнеме да ги враќаме клиентите кај туристичките работници“ кажа министерот Бектеши во своето обраќање.
Туристичката берза веќе традиционално ги собира сите чинители од туризмот со иста цел – предизвици за развој на туризмот и дигитализацијата, а предвидена е и конференција за одржлив туризам.
Овогодинешното мото на Берзата е „Сите сме дел од истата приказна”, кое ја покажува и општата цел на настанот, а се однесува на зголемувањето на свеста за важноста на туризам во нашата држава.