Сојузот на средношколци и МОН најдоа компромис за државната матура, која како што наведуваат, предвидува полагање на два екстерни и два интерни испити, односно третиот екстерен испит да се организира интерно.
Од Сојузот на средношколците истакнуваат дека ѝ доставиле на Владата неколку нивни услови за прифаќање на компромисното решение. Првиот услов е формирање на работна група меѓу Државниот испитен центар и Сојузот на средношколци, во која ќе учествуваат средношколци, наставници номирани од Сојузот и претставници на ДИЦ. Планирано е групата да работи до средината на март, а за задача ќе има да одлучува кои наставни програми ќе бидат скратени за есктерните испити.
Вториот услов предвидува наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити со своите ученици најмалку три недели пред денот на испитот, со што ќе им овозможи на матурантите соодветно да се подготват за нивните испити.
Третиот услов е зголемување на коефициентот за добивање на поените доколку екстерниот испит е несоодветен за студиите на кои се запишува ученикот.
Со ова ќе има промени и во начинот на добивање на поените за државната матура, па екстерните испити ќе носат најмногу 20 поени (наместо сегашните 30), интерните најмногу 16 (наместо сегашните 6) и проектната задача ќе продолжи да носи најмногу 4 поени.
Со овој начин на распределба на поените се согласува Сојузот на средношколци за кој велат дека е поправеден и порамномерен за сите матуранти.
„Исто така, вреди да се напомене дека моделот на 2 екстерни и 2 интерни испити бил веќе применуван во нашата земја од учебната 2007/2008 до учебната 2012/2013 година, стои во соопштението од Сојузот на средношколци.