Вкупно 2 964 кандидати се пријавиле по објавениот конкурс за полициски службеници
Вкупно 2 964 кандидати се
пријавиле за полициски службеници на последниот јавен конкурс на МВР објавен во
декември лани, на кој треба да се вработат 600 полицајци. Од пријавената бројка
2 365 се мажи, а 599 се жени, изјави министерот за внатрешни работи Оливер
Спасовски кој денеска го посети Центарот за обука во Идризово каде почна процесот
на фазна селекција на кандидатите.
„Оваа бројка што е далеку поголема од бројката на претходниот јавен оглас кога имавме вкупно 2 391 пријавен кандидат доволно говори како за евидентниот интерес кај младата популација за полициската професија така и за позитивниот имиџ на Министерството меѓу оваа категорија граѓани“, рече Спасовски.
Тој истакна дека сите овие млади луѓе во
рамки на сеопфатниот концепт на проверки ќе минат најпрво физички, а потоа
и психолошки проверки, па проверките на знаењата и безбедносните и здравствени
контроли, притоа почитувајќи ги и нужните епидемиолошки, односно здравствени
протоколи, така што до крајот на месец март, односно почетокот на април веќе ќе
биде заокружен цел тој селективен процес со прецизно бодовно рангирање на сите
кандидати.
По ова ќе следи процесот на избор на кандидати, согласно Законот
за внатрешни работи 660 кандидати, односно за 10 проценти повеќе од
предвидената бројка на барани извршители кои ќе бидат упатени на основна обука
за полицаец, со потпишување на договори за отпочнување на едногодишната обука
за полицаец.
„Потоа, преку теоретска и практична едукација во три образовни
модули во траење од по четири месеци, како што налага стандардизираната
процедура, преку рангирање ќе бидат избрани идните 600
полициски службеници на Министерството за внатрешни работи со кои што ќе
склучиме договори за вработување на работна позиција приправник-полицаец, со
обврска најмалку пет години да работат во Министерството за внатрешни работи“,
истакна Спасовски.
Министерот Спасовски, изрази увереност дека целокупниот процес ќе
биде заокружен согласно високите стандарди и критериуми пропишани за избор на
најдобрите кандидати.