Парламентот пред Нова Година го изгласа новиот Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата. Според новиот закон, полицијата ќе има право на сред автопат или на која било друга сообраќајница да му ги симне веднаш табличките на возилото и да го отстрани од сообраќај ако се посомнева дека е технички неисправно. Ваквите возила полицијата може да ги задржи и до 90 дена.
Ова значи дека големата бучавост, ширење чад од ауспухот, пребавното возење или неможноста на едно возило да закочи, т.е. да застане веднаш со сопирачките, ќе бидат сигнали за сообраќајната контрола и овластување за да се посомневаат во техничка неисправност, т.е. веднаш возилото да го застанат, да го исклучат од сообраќај и да го пратат на технички преглед. Сигнал за неисправност и овластување полицијата времено да го одзеде, е и ако возилото не е регистрирано.
Во измените се вели дека полициски службеник може да одземе возачка дозвола или да исклучи возач од сообраќајот доколку возачот управува со возилото во лоша психофизичка состојба, под дејство на дрога и алкохол или пак доколку има предвидено или впишана забрана за управување со моторно возило.
„Полициски службеник може да исклучи возило од сообраќај и привремено да го одземе возилото до утврдување на техничка исправност, но не подолго од три работни дена. Ако биде утврдена техничка неисправност на возилото која се однесува на предизвикување на голема бучава или во случај кога сообраќајната дозвола за возилото е со изминат рок на важност од шест или повеќе месеци, возилото се одзема во времетраење од 90 дена“.