Со Свети Богослужби во црковните храмови се најави Христовото раѓање, Православните христијани го слават Божиќ
Православните христијани го славата Божиќили Рождество Христово – денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Секоја година на седми Јануари, односно на денот после Бадник, го прославуваме вториот по големина празник – Божиќ. На овој ден се празнува раѓањето на Господ Исус Христос, второто лице од Светата Троица. Божиќ се слави три дена. Во сите наши Македонски православни храмови се одржуваат Литургии по повод Божиќ. Во нив се става акцент на значењето на семејството коешто е нашето најголемо богатство. По тој повод во двата црковни храма „Свети Пророк Илија“ и „Света Троица“ во Радовиш, со Света Богослужба беше најавено Христовото Раѓање.
Вечерта пред Божиќ во секој дом, во секое семејство, се организирана Бадникова вечера, која му претходи на најрадосниот семеен празник – Божиќ. Тој е придружен со многу обичаи, кои ги разубавуваат душите на луѓето за раѓањето на Синот Божји.
На Бадник се подготвува посна вечера, се пече лепче со паричка и се оди во црква.
Се смета дека зборот Бадник е со старо македонско потекло и значи “да бидеш буден” односно доаѓа од бдеењето над обредниот оган: бадник – будник. Исто така Бадник е познат и под името Коледе.
Овој празник симболично се поврзува со Христовото раѓање. Според нашата православна црква се слави на шести Јануари секоја година. Тој е празник кој не учи и ни ја доловува суштината на љубовта, вербата, опростувањето и милосрдието. Проследен e со многу обичаи и адети. Иако постојат големи разлики во прославувањето на овој празник од едно место до друго, сепак неговата суштина е секаде иста: ширење и прославување на љубовта и милосрдието, како и збогатување и исполнување на човековото срце со благодарност и нежност.
Бадник е проследен со голем број на обичаи. Најпрво се оди во црква, од каде што се зема бадниково гранче. Потоа децата симболизирајќи ги ангелите, радосни, одат по куќите да го најават Христовото доаѓање. Тие тропнуваат на вратите и откако ќе излезе домаќинот пеат најразлични коледарски песни.
Утрото на Божиќ се појадувa од Бадниковата трпеза, којашто потоа се раскрева. Исто така од овој ден се прекинати божиќните пости и може да се мрси. Помладите одат на гости кај своите најблиски: баби, тетки, стрини. Им го честитаат празникот со зборовите: “Христос се роди!” A овие им возвраќаат: “Вoистина се роди!”