Општинската комисија за проценка на штети се стави на располагање на сопствениците на деловните објекти кои претрпеа штети од пожарот во „Глобал“
Општина Струмица со сите ресурси е ставена на располагање за помош на сопствениците и корисниците на деловните објекти кои претрпеа штети од пожарот во Трговскиот центар „Глобал“, велат од Општината.
„По вчерашното формирање на Координативното тело со претставници од релевантни општински и државни институции, денеска Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди, ги стави на располагање сопствените знаења и искуства во проценката на штетите предизвикани од пожарот. Во салата на Советот на општина Струмица се одржа средба меѓу сопствениците и корисниците на деловните објекти и секретарот на општина Струмица Александар Оџаков, претседателот на Општинската комисија за проценка на штети, Ацо Ѓоргиев и членот на истата комисија, Васил Крстев. Сопствениците и корисниците беа детално информирани за спроведување на законската постапка за поднесување барање за финансиска помош од државата“ информираат од Општина Струмица.
Според единствената методологија за проценка на штети од елементарни и други непогоди, правните лица сами ја проценуваат штетата формирајќи сопствена комисија. Пополнетите формулари ги доставуваат до Општинската комисија која како збирен извештај го доставува до Советот на општина Струмица и по неговото усвојување ќе биде доставен до Републичката комисија за проценка на штети, а ќе биде даден на разгледување и во Бирото за судски вештачења.
Општина Струмица им отстапува една просторија во општинската зграда на сопствениците и корисниците каде што ќе можат заедно со членовите на Општинската комисија, точно и навреме да ги пополнат формуларите. Проценката на штетите ќе се одвива на три нивоа и тоа, проценки на штети на објекти, на основни средства и на трговска стока.