35 милиони евра од концесионерот „ТАВ“, кои беа наменети за изградба на карго аеродром во Штип, Владата ги распеделува за реализација на 99 инфраструктурни проекти во 75 градови.
Портпаролите на Владата, на денешната прес-конференција ги презентираа детали од одлуката за прераспределба на парите од концесионерот „ТАВ“, кои беа наменети за изградба на карго аеродром во Штип, а сега со нив ќе се финансираат проекти низ целата држава.
Станува збор за реализација на инфраструктурни проекти кои ќе им го подобрат квалитетот на живеење на граѓаните. Парите се наменети за изградба на водоводни мрежи, фекална и атмосферска канализација, реконструкција на локални патишта, доизградба на детски градинки, реконструкција на основни и средни училишта, резервоари за вода, системи за водоснабдување и останати проекти.
Од општините во Југоисточниот регион, најмногу средства ќе добие Општина Струмица, околу 86,7 милиони денари а најмалк Дојран 2,6 милиони. Потоа Општина Ново село ќе добие околу 40, 5 милиони денари, Валандово ќе добие 33,9 милиони, Василево 25,7 милиони, Радовиш 23,3 милиони денари, Конче 18,1 милиони, Гевгелија 13 милиони денари, Богданци ќе добие 10, 3 милиони, и Босилово – 7,4 милиони денари.
Според договорот со компанијата „ТАВ“ склучен во 2008 година и дополнет со 4 анекси, беше предвидено со 49 милиони евра да се изгради и карго аеродром. Промената е направена врз основа на анализа за проценка на економска оправданост од февруари 2020.
Евентуалната позитивна разлика помеѓу проектираната и изведбената цена, ќе биде уплатена на посебна сметка на Генералниот секретаријат на Владата и парите ќе бидат наменети за чистење на линданот од кругот на фабриката „ОХИС“.