Шест лица се осомничени за кражбата на близу два тона марихуана од складиште на фирма во селото Јосифово, од кои до сега е најден само дел, соопшти вчера портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Според Ангеловски, Министерството за внатрешни работи во изминатите два дена (7 и 8 12.2020) по добиени оперативни сознанија, а во координација со јавното обвинителство, презема мерки и активности за расчистување на кривичното дело разбојништво извршено ноќта 3/4 12.2020 во склад на правно лице лоциран во с.Јосифово, општина Валандово, при што се одземени близу два тони марихуана.
„По добиената пријава, преземени се мерки и активности за
расчистување на случајот и по добиени сознанија извршени се низа претреси во
Арачиново, Горно Мојанци, Скопје, како и други локации, при што е пронајден дел
од дрогата, како и други предмети поврзани со кривичното дело, а приведени се и
дел од осомничените. За случајот до сега се осомничени шест лица и за нив се
обезбедени докази. Истрагата продолжува и се проширува. Во координација со
обвинителството од Гевгелија, преземаме дополнителни мерки и активности за
целосно расчистување на случајот“, рече Ангеловски.
Досега се знае дека од складиште во валандовското село
Јосифово со камион биле украдени 200 кутии со два тона канабис. Кражбата била
извршена во 3 часот наутро. Фирмата од која била
украдена марихуаната имала лиценца за производство на марихуана од 2018
година.