(Видео) Претседателот Пендаровски го одликува Бигорскиот манастир со „Орден за заслуги за државата”
Претседателот Стево Пендаровски денеска го одликува Бигорскиoт манастир „Свети Јован Крстител“ со Орден за заслуги за Македонија, за зачувувањето и за продолжувањето на илјадагодишната традиција и за придонесот во негувањето на духовното и на културно-историското наследство.
„Нашата генерација има извонредно ретка можност да биде сведок на еден импресивен јубилеј каков што е 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир Св. Јован Крстител. Честа за мене е уште поголема што како претседател имам привилегија на манастирот да му доделам високо државно признание.
Бигорскиот манастир, надвор од било какво сомнение, е едно од нашите најголеми духовни светилишта, кое низ вековите, и денес, во континуитет претставува извор на писменост, на култура и уметност.
Бигорски не е само православен манастир и христијанско светилиште, тој од секогаш бил прочуен како место каде што помош, поткрепа, човечки збор и утеха можеле да најдат сите, без разлика на нивната верска, етничка или било каква друга припадност. Историјата на манастирот, но, не помалку и неговата денешна, жива духовна и културна мисија и ангажман, лесно ги надминуваат државните граници и ги сплотуваат и обединуваат луѓето што е сигурно најблагородната можна кауза во светот од кој сме дел“, рече Пендаровски во својот говор.
Епископот Партениј, игуменот на Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител ја поздрави поддршката на државниот врв за признавање на Македонската православна црква Охридска архиепископија.
На свеченоста беше присутен и премиерот Зоран Заев, а свој настап имаше и бигорскиот монашки хор.