Претседателот Стево Пендаровски, вчера во „Вила Водно“, го врачи признанието „Инженерски прстен“ на
најуспешните дипломирани студенти од областа на инженерските дисциплини во Македонија.
Инженерскиот прстен, чијашто цел е
признание, но и афирмација на инженерските професии и поттик за формирање на
квалитетен инженерски подмладок, го доделуваат Инженерската институција на
Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под
покровителство на Претседателот на државата. Годинава добитници на признанието се 8 дипломирани
инженери од различни области.
Во своето обраќање, претседателот
Пендаровски ја нагласи важноста на инженерството во креирањето на целокупната
иднина на секое општество.
Според Претседателот, без разлика
дали станува збор за архитекти, машинци, информатичари, технолози,
електротехничари, градежни, земјоделски или шумарски инженери, нивниот
професионален предизвик е остварување на личен развој, но и прогрес за
пошироката заедница во која живеат.
„Се надевам дека најголем дел од вас
ќе продолжат да се надградуваат, да напредуваат и професионално да се
остваруваат во својата татковина. За тоа да се случи мора да бидат создадени
сите предуслови од релевантните субјекти: државните институции, системот на
образованието, бизнис-заедницата, за вашата иднина и професионалниот развој да
бидат врзани со матичната земја“, нагласи претседателот Пендаровски,
посакувајќи им на младите инженери натамошен успех и да бидат движечка сила
која ќе овозможи напредок и општество на благосостојба.
Признанието „Инженерски прстен“ се доделува по 17-ти пат, а досега го добиле 178 дипломирани инженери.