Connect with us

Економија

(Видео) Заев: Четвртиот пакет мерки е директна помош за економската и социјалната сигурност на нашите сограѓани

Media Press

Published

на

Претседателот на Владата Зоран Заев, во придружба на заменик-претседателите и министрите од економските ресори, одржа прес-конференција на која беше презентиран четвртиот пакет економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на КОВИД-19, усвоен на денешната седница на Владата.

„Четвртиот пакет мерки е директна помош за економската и социјалната сигурност на нашите сограѓани, како и за поттик на приватната потрошувачка како стимулатор на општествениот раст“, рече Заев на прес конференција.

„(1) Како прва од пакетот четири, ја издвојувам мерката Поддршка за исплата на плати, која продолжува да важи и за последниот квартал од годината, односно и за месеците октомври, ноември и декември.

Новост во оваа мерка е што поддршката ќе биде одредена скалесто согласно падот на приходите кај компаниите. Колку е поголем падот на приходите во компаниите опфатени со оваа мерка, толку поголема ќе биде поддршката од државата за исплата на платите и таа ќе се движи од досегашните 14.500 до 21.776 денари. Обезбедуваме повеќе пари за поддршка на вработените, за стабилност на работните места.

Со новата методологија за државна помош за исплата на платите ќе бидат поддржани 83.000 работни места на нашите сограѓани, на месечно ниво, односно вкупно 250.000 плати за последниот квартал

Вредноста на оваа мерка изнесува 70 милиони евра за да се оствари правото на неа, компаниите што ќе аплицираат мора да го задржат бројот на вработени заклучно со 31 јули 2020 година.

Оваа мерка важи и за самостојните вршители на дејности, односно трговците поединци, лицата што вршат земјоделска дејност, занаетчиска дејност и лица што вршат други услуги.

(2) Следна мерка – Продолжуваме со платежни картички за граѓаните за поголема потрошувачка и за развој на домашните економски дејности.

Овој пат платежни картички со износ од 6.000 денари ќе ги добијат 5.726 самохрани родители, пензионерите со пензии до 15.000 денари, односно 182.271 наши сограѓани пензионери, невработените кои се пасивни баратели на работа, односно 85.108 граѓани, самостојните уметници, филмски работници, културни работници и естрадни уметници чија бројка е 520 корисници.

Платежни картички „Купувам домашно“ ќе добијат уште 540 студенти, кои во претходниот пакет не ги добија овие картички, а за што навремено и со право реагираа претставниците на студентите.

Плус поддршка за ученички и студентски стандард од 44 милиони денари за 2020 година добиваат 884 студенти и 347 ученици.

Секако, ќе ги помагаме и оние граѓани кои се над 64 години, а немаат пензија, ниту државна социјална пензија и се со приходи пониски од 15.000 денари, или воопшто немаат приходи.

Со тоа, оваа мерка опфаќа на 283.000 наши граѓани, а нејзината вредност изнесува 27,6 милиони евра.

(3) Како трета мерка е зголемувањето на грејс периодот кај бескаматните кредити од КОВИД-1.

Со оваа мерка, преку Развојната банка на Република Северна Македонија, на постоечките корисници на кредитни линии од оваа банка, ќе им бидат обезбедени дополнителни 3 месеци грејс период пред да започнат со исплата на ануитетите од земените кредити.

(4) Со четвртата мерка од новиот пакет се обезбедени нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка на Република Северна Македонија.

Овие поволни кредити од Развојната банка на Република Северна Македонија се обезбедени преку Европската инвестициона банка и ќе бидат пласирани во јануари 2021, преку деловните банки за поддршка на домашните компании, со исклучително ниска камата.

(5) Петтата мерка го потврдува нашиот принцип дека никој нема да биде изоставен и таа предвидува – Поддршка со плати за туристичките водичи.

На 150 регистрирани туристички водичи за месеците октомври, ноември и декември, ќе им биде исплатена минимална бруто плата во висина 21.776 денари.

(6) За поддршка на секторот туризам, како еден од најпогодените од кризата, определивме мерка – Поврат на туристичката такса за 2019 година.

На 4.740 субјекти кои организирале ноќевања во 2019 година, ќе им бидат вратени 2 милиони евра, колку што изнесува вкупниот износ на туристичката такса инкасирана во таа година.

(7) Кога сме кај секторот туризам, со овој пакет ја носиме и мерката – Грантови за туристички агенции.

Корисници на оваа мерка ќе бидат 500 туристички агенции, а нејзината вкупна вредност изнесува 1,9 милиони евра за грантови од 3.000 до 7.000 евра за сите туристички агенции во зависност од бројот на вработени и од вкупниот промет во 2019 година, и во зависност од тоа дали се носители на А или Б лиценца.

(8) Низ процесот на консултации со стопанските комори, стигнавме и до заклучок за мерката – Намалување и/или укинување на парафискалните давачки

Многу бргу, повторно во соработка со стопанските комори, ќе следува утврдување на листа од приоритетни парафискални давачки, како што се надоместоци, такси, дозволи, лиценци, плаќања за издвојување средства по разни основи и нивно тековно намалување и/или укинување на некои од нив.

(9) Мерката број 9 е Грантови за ресторани за свадби – поддршка ќе добијат сите регистрирани и лиценцирани субјекти за оваа дејност, во вкупна вредност од 1 милион евра.

Грантовите одделно се во висина од 3.000 до 10.000 евра, во зависност од остварениот промет во 2019 година.

Овде ја отвораме опцијата за регистрација на таквата дејност затоа што еден дел од овие дејности се регистрирани за организирање свадби, а еден само за достава на храна.

(10) Со овој пакет е опфатена и мерката – Продолжување на лиценците за работа на дискотеките, ноќните клубови како и за компаниите од транспортната заедница.

Согласно регистрацијата за работа, на околу 120 дискотеки и ноќни клубови, како и на околу 7000 транспортери, ќе им се продолжи лиценцата за работа и во 2021 со 0 денари надомест, со тоа што транспортерите ќе добијат ослободување плус уште за една година во зависност од тоа кога им истекува лиценцата што ја добиле.

(11) Грантови се предвидени и за игротеки за деца.

За околу 1.000 игротеки ќе се обезбедат грантови во висина од 1.000 до 5.000 евра во зависност од остварениот промет во 2019 година, а целата вредност на оваа мерка изнесува 2,5 милиони евра.

(12) Обезбедивме поддршка и за занаетчиите.

Со неа се предвидува намалување на ДДВ-то на нивните услуги и производи од 18% на 5% за да ја зајакнеме нивната конкурентност на пазарот.

Напоменувам дека на самостојните вршители на дејности, односно на занаетчиите, им остануваат на располагање и другите мерки, како оние за поддршка за исплата на платите или пристапот до поволните кредити од Развојната банка на Северна Македонија.

(13) Во периодот на имплементација на четвртиот пакет ќе се активира и мерката – Државна кредитна гаранција.

Со оваа мерка државата става на располагање 10 милиони евра финансиски средства за поддршка на компаниите за полесен пристап до евтини финансиски средства, преку преземање на дел од кредитниот ризик. Со државната гаранција од 10 милиони евра на стопанството ќе му бидат на располагање кредити со вредност од 65 милиони евра.

(14) Од голема поддршка за компаниите ќе биде и мерката – Државна царинска гаранција.

Оваа мерка има за цел да им обезбеди поголем извоз на компаниите и полесен пристап до суровини.

Со 3 милиони државна гаранција за обезбедување на царинскиот долг го поддржуваме извозот и увозот и го олеснуваме пристапот на суровини за преработка на македонските компании во износ од околу 25 милиони евра, преку Развојната банка на Северна Македонија.

(15) Како уште една мерка за олеснување на работењето на компаниите е – Дополнително одложување на отплата на кредити за компании, до крајот на годината.

(16) Во овој пакет ја продолжуваме мерката за Намалување на казнената камата за јавни давачки за половина од 0,03% на 0,015% до крајот на годината.

(17) Една од мерките која наиде на одобрување и ја прифатија многу компании беше и мерката – Одложување на плаќање на аконтација на данокот на добивка.

Заради тоа ја вклучивме и во овој сет мерки и таа предвидува одложување на плаќањето на аконтациите на данокот на добивка до март 2021 година за компании кои имаат пад на приходи поголем од 40%.

(18) Ја продолжуваме и мерката Ослободување од ДДВ за донации од јавен карактер, за уште 12 месеци.

(19) Една од новите мерки е – Намалување на стапката за ДДВ за ресторански услуги и служење на храна и пијалаци, со која овие услуги ќе се даночат со нова повластена стапка на ДДВ од 10% наместо сегашната редовна стапка од 18%..

Целта на оваа мерка е намалување на сивата економија, пониски цени за граѓаните, како и поголема ликвидност на услужниот сектор за храна и пијалаци.

За оваа мерка се потребни законски измени и таа ќе започне со имплементација од 1 јануари наредната година.

(20) За да ги олесниме финансиските обврски на компаниите ја носиме и мерката – Одложено плаќање на ДДВ-то.

Со оваа мерка ќе биде дозволено одложено плаќање на ДДВ, седум дена по поднесување на ДДВ пријавата, без камата.

(21) Една од мерките на овој пакет број 4 за справување со последиците од КОВИД-19 е – Бришењето на условот за собирање поени од Континуирано професионално усовршување (КПУ) за продолжување на лиценца за сметководители.

Корисници на оваа мерка се 9.360 регистрирани сметководители, за кои во 2020 година нема да важи условот за собирање поени од Континуирано професионално усовршување за продолжување на лиценцата сметководителите.

(22) Во овие мерки е вклучено и Зголемување на периодот за покривање на загуби на терет на идни добивки.

Со оваа мерка ќе се укине обврската од Законот за данокот на добивка за покривање на загубите на терет на идни добивки. Воедно, со предложените измени, ќе се продолжи рокот за пренесување на загуби на терет до пет години, наместо сегашното законско решение кое утврдува пренесување на загубата до три години.

Оваа мерка стартува оваа година и важи за 2020 и 2021 година.

(23) Следната мерка која е од сферата на даночната политика е мерката – Зголемување на прагот со кој субјектите би биле дел од режимот на неоданочување со данок на добивка и зголемување на прагот со кој субјектите би влегле во режимот на вкупен приход.

Со оваа мерка се предвидува прагот да биде поставен на 5 милиони денари на годишно ниво, согласно кој може да се стане даночен обврзник во режимот на неоданочување.

Исто така, мерката предвидува да се зголеми прагот со кој компаниите би биле дел од режимот на вкупен приход, односно правните лица кои имаат вкупен приход помеѓу 5.000.001 денар и 10 милиони денари, да може да одберат дали да плаќаат данок на добивка или да преминат во режим на данок на вкупен приход од 1%.

Со оваа мерка ќе се ослободат околу 1,15 милиони евра кои компаниите можат да ги пренаменат за инвестиции или за други развојни бизнис планови.

(24) Во овој пакет е вклучена и мерката Признавање на трошокот за приватно здравствено осигурување како признаен расход, како и мерката (25) Признавање на расходите за тестирање од КОВИД – 19, исто така како признаен расход.

(26) Со мерката – Намалување на увозни давачки за суровини и репроматеријали, се обезбедува поддршка за најпогодените преработувачки индустрии, како и поттик за развој на преработувачките капацитети.

Со оваа мерка, покрај сите автономни мерки за суровини утврдени на 24 декември 2019, се вклучува и намалувањето на увозните давачки за природен гас со конечна цел не само економски, туку и еколошки ефект.

(27) За мерката – Поддршка за развој на човечкиот капитал, во овој пакет е предвидено ослободување од данок на добивка и данок на личен доход за трошоци за вработени кои се однесуваат на доквалификација и тим билдинг.

Ќе се укине данокот на личен доход за трошоци кон вработени кои се однесуваат за обука, квалификации, добивање лиценци, со што ќе се овозможи подобрување на квалитетот на работната сила со која располагаат компаниите, но истовремено ќе се пропише и законски лимит за овие трошоци, на пример една просечна плата на годишно ниво.

Оваа мерка ќе започне да се имплементира од 1 јануари наредната година.

(28) Со мерката – Поддршка на откуп на грозје од реколта 2020 година, за која се предвидени 6.700.000 евра, ќе се поддржат производители на винско грозје кои го предале своето грозје кај регистрирани винарски визби, како и винарски визби за транспортните трошоци при извоз.

Секој извозник ќе добие субвенција според количината извезено вино, која ќе се исплаќа скалесто во зависност од количината на извезено вино.

(29) За секторот игри на среќа е предвидена мерката – Ослободување во висина на 2/3 од законски пропишаниот износ за приредувачи на игри на среќа.

Со оваа мерка приредувачите на игри на среќа, казината, ќе плаќаат 1/3 од надоместоците за AR (ауто-рулет) маси и други маси.

(30) За да го олесниме работењето на општините во време на КОВИД-19, ја определивме мерката – Промена на пресметка на основата за финансирање на Единиците на локалната самоуправа, со која при издвојување на средства за единиците на локална самоуправа, наместо само за претходната година како до сега, во предвид ќе биде земена пресметката на просечна наплата на ДДВ за претходните три години.

(31) И на крајот, во овој пакет мерки ќе го спроведеме Викендот без ДДВ.

Оваа мерка предвидува да опфати повеќе од 350.000 граѓани, корисници на апликацијата „МојДДВ“, кои за време на продолжениот викенд на 10-11-12 октомври ќе можат да купат домашни производи и услуги или компјутери и друга ИТ опрема во вредност од најмногу 30.000 денари, во рок од неколку дена ќе го добијат назад на своите сметки целиот ДДВ.

Со ова мерка се проектира да се направи промет од 170 милиони евра, пари кои ќе бидат инекција за стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра, од повратот на ДДВ.

Почитувани граѓани на нашата земја,

Кога зборуваме за поддршка и помош за стопанството, односно компаниите погодени од кризата, како и за поддршката на земјоделството и другите дејности, пред нас ги имаме вработените во тие дејности. Нашите сограѓани кои секојдневно го вложуваат својот труд и на тој начин го помагаат не само развојот на компанијата, туку и економскиот развој на земјата.

Времето на криза е време на меѓусебна поддршка и грижа и насоченост на сите капацитети и на финансиските средства кон нашите граѓани.

Парите на граѓаните се за граѓаните.

Вредноста на 4-тиот пакет економски мерки изнесува 470 милиони евра и заедно со вкупната вредност на претходните три пакети од 550 милиони евра, тоа значи дека 1 милијарда и 20 милиони евра се насочени повторно кон граѓаните и стопанството за да обезбедиме стабилна одржливост на економијата со потенцијал за ревитализација“, додаде Заев на одржаната прес конференција.

Економија

Што предвидува шестиот пакет антикризни економски мерки вреден 17,8 милиони евра

Media Press

Published

на

Шестиот пакет антикризни економски мерки кој го усвои Владата, вреден 17,8 милиони евра предвидува поддршка на дејностите кои беа целосно затворени со цел превенирање на ширењето на корона вирусот во текот на месец април 2021, како и за подобрување на ликвидноста на остантите компании кои инвестираат годинава. Предвидено е да се поддржат 10.000 компании, кои вработуваат околу 60.000 граѓани.

Мерка 1

На сите угостителски објекти ќе им бидат покриени 30% од приходите, износ кој ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 и 2020 година, на кој ќе се аплицираат деновите во кои овие дејности беа затворени. Дополнително, сите регистрирани угостителски објекти ќе добијат 15.200 денари финансиска поддршка по вработен, заклучно со 06.04.2021 година. Со оваа мерка ќе бидат поддржани околу 6.000 угостителски објекти кои вработуваат 17.000 луѓе, проценета вредност на мерката е 9,9 милиони евра.

Мерка 2

На скоро ист принцип, со 2,5 милиони евра ќе се поддржат категоризирани – ресторани за свадби, евент индустријата, игротеки, ноќните клубови, приватните детски одморалишта, фитнес центри, фотографи и фотографски студија. Во овие категории спаѓаат околу 1.200 компании ќе им бидат покриени 30% од приходите, износ кој ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 година, дополнително ќе добијат поддршка од 15.200 денари по вработен, заклучно со 31.12.2020 година.

Мерка 3

Категоризираните туристички агенции ќе бидат поддржани со 1,4 милиони евра. Притоа туристичките агенции со А лиценца ќе добијат до 5.000 евра, а туристичките агенции со Б лиценца ќе добијат до 2.000 евра.

Мерка 4

Финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат и сите музичари, членови на здруженијата на музичари како и лиценцираните туристички водичи, кои во текот на 2020 година имале просечен месечен нето приход под 15.000 денари.

Мерка 5

Околу 2 милиони евра се наменети за компаниите кои ја реинвестирале добивката од 2020 година, мерка која ќе се реализира преку Развојната Банка, а ќе им помогне на компаниите да ја зголемат ликвидноста, да ги реализираат своите инвестициски планови и да продолжат со својот развој, преку субвенционирање на каматни стапки.

Мерка 6

Со бескаматна кредитна линија преку Развојната банка од 1 милион евра, ќе се поддржат медиумите кои емитуваат радио и телевизиска програма.

Мерка 7

Во очекување на претстојната туристичка сезона и како дополнителна поддршка и помош за домашната туристичка, а со тоа и угостителска дејност, ќе се овозможат бесплатни 50.000 ПЦР тестови за странските туристи кои престојувале во државата.

Прочитај повеќе

Економија

УЈП: Годишните даночни пријави можат да се проверат преку „е-Персонален данок“

Media Press

Published

на

Од Управата за Јавни Приходи известуваат дека годишните даночни пријави за 2020 година граѓаните можат да ги проверат преку кориснички профил на „е-Персонален данок“.

„Потврда или корекција на годишните даночни пријави ќе се врши најдоцна до 31.05.2021 година. На 01.06.2021 година Годишните даночни пријава ќе добијат статус на конечни. Ако пријавите не се ниту потврдени ниту коригирани истите ќе бидат потврдени службено.

Коригираните Годишни Даночни пријави ќе бидат разгледани и одлучени од службено лице на Управата за јавни приходи, а доколку службеното лице не ја одобри корекцијата на Годишната Даночна пријава ќе се донесе Решение за утврдување на данок на личен доход за 2020 година. “ – стои во соопштението на УЈП

Од УЈП апелираат граѓаните да си ги регистрираат корисничките профили на „е-Персонален данок“ и да ги користат придобивките кои ги нуди овој систем.

Прочитај повеќе

Економија

Започнува аплицирањето за финансиската поддршка за плати од петтиот сет мерки

Media Press

Published

на

Започнувајќи од денес, фирмите и самостојните вршители на дејност се до 30 април можат да аплицираат за финансиска поддршка за исплата на плати за месеците февруари и март како дел од Петтиот пакет мерки, кажа министерот Битиќи на денешната прес-конференција.

За мерката финансиска поддршка за исплата на плати се издвоени 1,9 милијарди денари од буџетот, што ќе бидат опфатени околу 60.000 работници и за секој работник ќе биде исплатена поддршка од 14.500 денари до 21.770 денари по месец.

„Исплата на работниците ќе биде во распон од 14.500 денари до 21.770 денари по месец, во зависност од процентот на намалување на приходите на компаниите во претходните 3 месеци. Исто така, 50 проценти од исплатата-помош да се трансформира во грант, без никакви услови. За оние пак, кои во текот на годината, ќе инвестираат во основна опрема, целата исплатена помош ќе биде трансформирана во грант-средства,“ вели Бесими.

Прочитај повеќе