Connect with us

Македонија

Филипче ја анализираше состојбата со корона вирусот во земјата, како и во Европа, со наближувањето на есента

Виолета | Media Press

Published

on

Министерот за здравство Венко Филипче, на вчерашната прес-конференција информираше за состојбата со коронавирусот во Македонија, но и во Европа, даде најава за следните чекори на Министерството за здравство и Владата, како и за есенскиот период кој е пред нас.

„Дозволете да дадам генерален заклучок дека состојбата кај нас, како и секаде во Европа и во голем број земји во светот, се влошува како што се наближува есента. Велика Британија, Франција, Шпанија, Чешка и Холандија се меѓу земјите кои се подготвуваат да воведат нов пакет на рестриктивни мерки во обид да го сопрат ширењето на коронавирусот. Британската влада дури размислува дури и за воведување на нов национален карантин, а Шкотска упати предупредување до своите граѓани за тешки, но неопходни рестрикции. Израел е веќе во карантин, затворени се школи, градинки, трговски центри. И Франција ги заострува мерките до таму што, меѓу другото, ќе бидат забранети дружење помеѓу домаќинствата. Ова е нешто што го најавуваме многу пати и ги посочувавме септември како месец кога може да се очекува почеток на есенскиот бран“, истакна министерот Филипче.

Според анализите на Комисијата за заразни болести на кумулативната состојба со епидемијата во нашата земја, заклучно со 19 септември, од почетокот на епидемијата најголем број на случаи се регистрирани во Скопје, Куманово, Тетово и Штип, при што највисока инциденца на 100,000 жители има Штип.
Според дистрибуција по возрасни групи, од вкупниот број на случаи и натаму најзастапена е групата над 60 години, но евидентно е дека избива групата помеѓу 30 и 39. Ова укажува на тоа дека вирусот е се поприсутен кај работоспособно население и популација која има активен социјален живот, со многу контакти.

Во однос на процентот на позитивни од тестирани, после пикот на 27 јуни кога истиот изнесувал 22,3%, почнува да опаѓа, па од средината на август процентот бил под 10, за да на 6 септември тој процент изнесува 5,2. Од 16 септември, процентот е над 10, а на 19 септември сме регистрирале 12,1% позитивни од тестирани.

Министерот Филипче рече дека најголемиот број новодијагностицирани случаи сме имале во 28 недела (втората недела од јули) кога се регистрирани 1.074 заболени. Потоа оваа бројка опаѓа во континуитет, а во 38 недела, а тоа е изминатата недела, бројката почнува да расте и до 19 септември се регистрирани 908 нови случаи.

„Анализите на дистрибуцијата на потврдените од КОВИД-19 во С. Македонија според начин на стекнување на болеста, најголем дел од дијагностицираните се преку локален пренос на инфекцијата. По затворањето на границите, спорадични импортирани случаи почнуваме да регистрираме на 29 мај, а по повторно отворање на границите, речиси секој ден. Од почетокот, вкупниот број на импортирани случаи се 414. Најголем број се од Албанија 79, Србија 74, Германија 41, Косово 24, Бугарија 22, Турција 20, Грција 18 и Австрија 15. Анализите во текот на епидемијата во изминатите 14 дена споредено со други земји покажуваат дека последните две недели, инциденцата на 100,000 жители кај нас изнесува 79,2. Во ЕУ, ЕЕА и Велика Британија е во просек 76, а се движи од 5 до 271 на 100.000 жители. Стапката се зголемува веќе 56 дена“, изјави министерот Филипче.

Во 19 земји (Австрија, Белгија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Франција, Унгарија, Ирска, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија и Велика Британија) се забележува високо ниво на 14-дневните стапки на пријавени случаи на Ковид-19 (најмалку 60/100.000)

„Кај нас, од вкупниот број потврдени случаи 1638 во периодот од 6 до 19 септември, 32% имале контакт со потврден случај, 63,3% се од непознат извор, еден мал дел се неистражени. Во истиот период, 21 % се асимптоматски случаи, а од вкупниот број на потврдени (1638) процентот на хоспитализации е 17,7%.

Најголем процент на хоспитализирани од болни, во истиот период, е регистриран на 6 септември (28%), од тогаш процентот опаѓа, за да на 19 септември регистрираме 2,4% хоспитализирани од потврдени.  Споредено со земјите во Европа, процентот на хоспитализации во просек е понизок“, потенцираше министерот Филипче.

Македонија

Армијата се подмладува – нови питомци на Воената академија, нови офицери во единиците

Александар | Media Press

Published

on

Дваесет и седум потпоручници кои го завршија своето образование на Воената академија од денеска се новите офицери во Армијата на Република Северна Македонија и вооружените сили на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово. Денеска на Воената академија освен промоцијата на потпоручниците, примени беа и нови 40 питомци, кои со давањето на свечената заклетва го започнаа своето четиригодишно воено образование.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на овие две класи им честиташе што одбрале професија која е високо ценета, угледна и благородна и изрази убеденост дека со својата работа овие сегашни и идни офицери ќе ја заслужат високата доверба која граѓаните ја имаат во Армијата.

„Дваесеттата класа питомци кои денеска го добиваат својот прв офицерски чин покажа колкава е вредноста на Воената академија не само за нас, туку и за нашиот регион, а преку нашиот регион и за НАТО – Алијансата. 30-тина проценти од оваа класа се школувани за потребите на вооружените сили на регионот“, рече министерката. Таа на потпоручниците им порача дека изминатиот период беа направени големи чекори напред и дека во нашата земја во тек се суштински процеси за опремување, трансформација и модернизација. „Ќе продолжиме да работиме, резултатите од вашата работа да бидат по видливи, вашиот стандард повисок, но се ова е возможно со заеднички напор. Дајте сè од себе, помогнете ни да бидеме подобри и поефикасни. Бидете целосно фокусирани, посветени и мотивирани во вашите задачи затоа што само така се достигнува врвот“, рече Шекеринска.

На свеченоста беа наградени тројцата прворангирани потпоручници, Биљана Дуловиќ од Црна Гора и Гоце Софески и Филип Младеновски од Северна Македонија, а плакета им беше доделена и на професорите на Воената академија кои годинава заминуваат во пензија.

Continue Reading

Македонија

Кузеска: Предлог-измените треба да се усвојат во најкус можен рок, болничките капацитети забрзано се исполнуваат

Александар | Media Press

Published

on

Владата на вчерашната седница ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести да се ограничи работното време на сите угостителски објекти до 23 часот, освен на тие коишто вршат испорака, како и да се ограничи капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50% од вкупниот број на патници предвидени во едно возило.

По барање на опозицијата точката за Измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, по скратена постапка, во Собранието, беше одложена.

„Време за одложување нема. Предлог-измените треба да се усвојат во најкус можен рок, бидејќи состојбата со вирусот е сериозна.

Пратениците треба да покажат одговорност и што поскоро едногласно да се изгласаат двата пакети на мерки со кои се штити здравјето на граѓаните.“ изјави портпаролот на СДСМ, Богданка Кузеска.

Continue Reading

Македонија

Заев побара разрешување на Лидија Димова

Виолета | Media Press

Published

on

Директорката Националната агенција за европски образовни програми Лидија Димова ќе биде разрешена заради неетично постапување во извршувањето на нејзината функција.

Претседателот на Владата Зоран Заев на вчерашната седница ја информираше Владата дека го прифатил барањето на неговиот  заменик задолжен за борба против корупцијата и криминалот,  Љупчо Николовски, задолжен и за спроведување на Кодекс за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата и дека ќе му препорача на Управниот одбор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност да ја разреши директорката Лидија Димова заради неетично постапување во извршувањето на нејзината функција, поврзано со индиции за несоодветно финансиско работење и за негрижа за одржувањето на имиџот на институцијата во јавноста.

Прашањето за разрешување на Димова беше покренато  по аферата „фризерница“ и одлуката ЕК и финансиската полиција да отворат случај за начинот на кој се трошат европските пари за образование. Барањето за разрешување гласи:

„Заради неетично постапување во извршувањето на нејзината функција, поврзано со индиции за несоодветно финансиско работење и за негрижа за одржувањето на имиџот на институцијата во јавноста.“ – стои во соопштението на Владата на РМ.

Оваа постапка ја овозможува членот 23 од Етичкиот кодекс, според кој претседателот на Владата може да побара политичка одговорност, односно барање за поднесување на оставка на носителот на извршна функција или предлог за негово разрешување, и да покрене иницијатива за информирање на надлежни институции, при што врз основа на сознанијата и одлуките на Управниот одбор, ќе се запазат сите постапки за гарантирање на принципот за презумпција на невиност, известуваат од владината Прес-служба.

Continue Reading