Учебната година ќе заврши на 10 јуни, а сите ученици ќе бидат оценувани
со физичко присуство без оглед дали следеле настава во училница или онлајн,
најави министерката за образование и наука, Мила Царовска по денешната средба
со директори на основни и средни училишта во земјава
„ Почетокот на учебната година вообичаено е на 1 септември, но наставната програма може да почне на 1 октомври, како што ќе биде случај сега. Ќе се работи на скратени програми што, според закон, нема да бидат под 100 часа. Бирото за развој на образованието овојпат ги скрати програмите за да може да ја завршиме школската година на 10 јуни. Наместо 180 денови, ќе имаме 159 што ќе треба да се адаптираат во програмата. Програмата е поедноставена, часовите ќе траат 30 минути и сите овие програми со упатство за употреба ќе треба да бидат доставени до училиштата во петок“, рече Царовска.
„Денес сум на средба со речиси сите директори на основните и на средните училишта во државата. Со нив разговараме за остварување на наставата во 2020/21 година, согласно Планот, кој Владата го усвои вчера. Зборуваме за сите предизвици, но и за заедничката заложба да ја стартуваме училишната година во најдобар ред. Ако сите се вложиме максимално, ќе имаме успешна училишна година и во време на пандемија“, објави Царовска на фејсбук.
Училиштата во земјава
се затворени од 10 март поради пандемијата на коронавирус, а учениците ја
завршија школската година со онлајн настава.
Царовска вчера
кажа дека училиштето ќе може да формира класови до 20 ученици.