Министерот за здравство Ванеко Филипче ги презентираше протоколите за следење
на настава во основно и средно образование со физичко присуство.
„Протоколите за основните и средните училишта
се речиси идентични, а овие протоколи практично, детално го регулираат
престојот и процесот на наставата, влез/излез и движење во училиштето. И во
основните и во средните училишта, наставниот процес се одвива во период од
07:00 часот до 20:00 часот. За влез и излез на учениците, училиштето ги става
во функција сите влезови во училишната зграда и изготвува распоред за
влез/излез со различно време на влегување и излегување на учениците за секое
одделение кое го истакнува на видни места во училиштето. На влезот од
училиштето, во ходниците и училниците се поставуваат едукативно-информативни
материјали, насоки за заштита на здравјето и безбедност во училиштето и
средства за дезинфекција на рацете. Училиштата задолжително поставуваат ознаки
со кои се означува правец на движење и запазување на минимум потребното растојание
при чекање ред на учениците пред и внатре во училиштето“, потенцираше
министерот Филипче.
На вработените им се мери телесна температура пред влезот на училиштето со
безконтактен топломер и во случај на зголемена температура (над 37°)
вработениот се упатува кај матичен лекар.
Министерот Филипче, појасни дека се забрануваат поздравувања со физички контакт
за вработените во училиштето и меѓу учениците.
За време на наставата и одморите, со учениците задолжително е присутен класниот
раководител/наставник и се грижи за почитување на физичка дистанца меѓу
учениците. Наставата во училница се изведува со најмногу до 20 ученици во
училница и обезбедено физичко растојание од 1,5 метри.
Министерот Филипче потенцираше дека доколку во училиштето се појави заболен од
КОВИД-19 или лице кое имало контакт со лице заболено од КОВИД-19, лицето треба
да се изолира во посебна просторија со задолжително носење на заштитна
маска/прекривка, а директорот треба да воспостави комуникација со Центарот за
јавно здравје за добивање на понатамошни насоки за постапување. За преземените
активности училиштето доставува извештај до општината, а општината до
Министерството за образование и наука.
„Ако ученик развие симптоми на КОВИД-19 додека е во училиште,
наставникот/стручниот соработник го изолира ученикот во посебна просторија со
задолжително носење на заштитна маска/прекривка и веднаш ги известува
родителите/старателите, кои во најкраток временски период треба да го земат
детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на
ученикот. Доколку се потврди дека ученик е заболен од КОВИД – 19, се известува
епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје кој итно треба да направи
анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа
на контактите кои ги имале“, истакна Филипче.