Премиерот Оливер Спасовски со честитка по повод Денот на Армијата, во која потенцира дека годинава, 18-ти август, се слави и како армија која е рамноправен член и дел од најмоќниот воено-безбедносен сојуз на светот НАТО
Премиерот Спасовски денеска присуствуваше на централната
прослава на Денот на Армијата „18-ти август“ која се одржа на Воениот стадион
во Градскиот парк.
Во честитката по тој повод премиерот Спасовски
истакна дека оваа година, 18-ти август, Денот на Армијата, синонимот и чуварот
на македонскиот суверенитет и државност, го славиме и како НАТО армија. Како
армија која е рамноправен член и дел од најмоќниот воено-безбедносен сојуз на
светот.
„Членството во НАТО е резултат и заслуга на
сите граѓани и на нивните политички претставници кои континуирано во изминатите
три децении ѝ даваа поддршка на исполнувањето на оваа наша стратешка определба.
Голем придонес дадоа сите денешни и поранешни припадници на Армијата. Армијата
на нашата земја остана блиска и сплотена со својот народ и тоа го потврдува
секое испитување на јавно мислење кое редовно покажува дека Армијата е меѓу
институциите во кои граѓаните имаат највисока доверба“, потенцира во честитката
Спасовски.
Тој акцентираше дека и во овој период на тешки
околности заради пандемијата на КОВИД-19, припадниците на Армијата се со
народот за да го помогнат спречувањето на ширење на коронавирусот. Се секаде
каде што е потребна поддршка. На границите, во заразените подрачја, им помагаа
на граѓаните во карантините, на загрозените семејства, го помагаа одржувањето
на јавниот ред. Армијата докажа и спремност во помагањето и расчистувањето со
елементарни непогоди, со поплавите во ресенско, со пожарите во велешко.
„. Како резултат на спроведените политики, во
Армијата денеска платата и приходите на нејзините припадници се достоинствени.
Денес војниците не се грижат за станбеното обезбедување и за дневници, туку за
новите вежби од светски ранг кои ги планираат и вежбаат заедно со своите колеги
од НАТО армиите. Ја подмладивме Армијата со дополнителни 700 припадници, дел
војници, а дел млади офицери, и за прв пат во Законот за служба обезбедивме
подеднакви услови за пензионирање како и за полицијата“, потенцира дел од
достигнувањата премиерот Спасовски.
„На сите припадници на нашата Армија им го
честитам Денот на Армијата и им посакувам да продолжат со посветената работа и
со успех да го украсуваат сојузништвото со нашите сојузници во НАТО“, истакнува
на крај премиерот Спасовски.