Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски во објава на својот ФБ профил
реагира на најавата дека Град Скопје ќе ја руши Универзална сала.
„Универзалната сала е плод на солидарноста и
еден од симболите на Скопје. И Скопје не секогаш ги имало најдобрите решенија,
но секогаш имало душа и срце за големи работи. Салата не е само објектот, туку
и спомените на скопјани и нема роден скопјанец чиешто детство и младост не се
поврзани со Универзалната сала. Затоа нејзиното рушење не е опција. Ако некој
сака да остави белег во Скопје, тогаш тоа нека бидат работите кои ќе ги создаде
за Скопје, а не оние кои ќе ги руши“, напиша Мицкоски на својот ФБ профил.
Бурни реакции се
предизвикаа во јавноста откако Град Скопје го објави конкурсот за идејно
решение, за местото кај Универзална сала, каде се предвидува парк со мала летна
сцена.
Шефот на кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов, синоќа преку објава на социјалните мрежи, појасни зошто идејата на градските власти за изградба на Универзална сала на нова локација е попаметна од опцијата да се реконструира постојниот објект. Тој напиша „Нема да се руши, туку ќе се гради, но прашање е каде“.
Според него, постојната локација е несоодветна, не може да се прошири објектот ниту да се обезбедат паркинг места a пристапот до него е небезбеден за населението во тој дел од градот, па затоа е подобро таа да се изгради на нова локација. Но според реакциите, скопјани се сентиментално поврзани со овој објект, со своите спомени.