Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на
прес-конференција пред Собранието порача дека македонската интеграција во
Европската Унија се забрзува, а за тоа е доказ и утврдувањето на предлогот за
преговарачката рамка, што пак значи дека се утврдуваат правилата по кои ќе се
одвиваат преговорите на Македонија за членство во Унијата.
„Европската Унија вчера го утврди
предлогот за преговарачката рамка, за преговорите за членство и го достави на
разгледување до државите членки. Северна Македонија оди уште поблиску кон
Унијата. Македонската интеграција забрзува. Оваа вест доаѓа по цели 19 години
од потпишување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација како прв чекор кон
интеграцијата во ЕУ. 15 години по добивање на кандидатскиот статус, по 11
позитивни препораки за почеток на преговорите и по историската одлука на
советот за почеток на преговорите за членство на нашата земја во ЕУ на 26 март
оваа година. Очекуваме наредната недела да започне дискусијата по рамката за
преговори на експертско ниво. И во периодот пред нас, рамката да биде усвоена
од земјите членки со што преговорите и формално ќе започнат“, кажа Заев.
Во однос на јазикот,
лидерот на СДСМ, Заев, кажа дека преводот на цело европско законодавство на
македонски јазик е уште еден доказ дека не сме го изгубиле јазикот, како што
тврдеа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Македонскиот јазик е наведен како јазик на кој треба да се преведе европското законодавство пред да станеме земја членка на Европската Унија. Тоа го сметаме за нешто нормално, стандардна работа, бидејќи согласно нашата лична карта во Обединетите нации, согласно нашето право на самоопределување, нашиот јазик е македонски, а нашата комуникација ја водиме и на македонски јазик. Ова е уште една потврда и признание за македонскиот јазик. Ова нека биде и апел да запрат со лагите оние кои со месеци лажеа и велеа дека ‘сме го изгубиле јазикот’. И да престанат да ни го навредуваат и омаловажуваат јазикот нарекувајќи го ‘северџански’. Ги повикувам нив, ВМРО-ДПМНЕ, да се одважат и да го поздрават усвојувањето на предлог преговарачката рамка. Да ја поздрават и веста дека законодавството на ЕУ ќе биде преведено на нашиот македонски јазик.“, додаде Заев.