Трет ден од изборната кампања за предвремените парламентарни избори 2020
Партиите продолжуваат со своите активности, кои се одвиваат со посета на градовите и на населените места во земјата, почитувајќи ги мерките за заштита од коронавирусот, но паралалено и на социјалните мрежи и медиумите.
Лидерите се обраќаат на
централните настани, додека носителите на кандидатските листи по
изборни единици најчесто се обраќаат преку прес конференции.
Коалицијата „Можеме“ предводена
од СДСМ според официјалната агенда денеска во 19 часот ќе има настан во Тетово,
а потоа во 20:30 часот во скопски Аеродром.
„Ќе одржиме економски лекции и на Мицкоски и на неговите
економски кадри, но и лекции на регионот. Затоа што имаме потенцијал, одлична
географска поставеност, работлив народ, луѓе кои не се штедат само бараат
фер-шанса чесно да заработат. Но и затоа што сега имаме пријатели, а не
непријатели, и затоа што не почитува целиот свет“, рече меѓудругото лидерот на СДСМ Зоран Заев на
предизборната трибина одржана синоќа во Охрид.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и
нејзините коалициски партнери вчера имаа
средба со граѓаните во Струга и Ресен. Лидерот на опозициската партија
Христијан Мицкоски од Струга рече
дека благодарение на погрешните политики на ова раководство на СДСМ, државата бележи
рекорди по број на заболени и луѓе кои, за жал, го губат својот живот и оти
токму затоа сега е најпотребно заедно сите да се исправиме бидејќи само така
можеме да ја обновиме Македонија.
Синоќа од Ресен Мицкоски порача
дека ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на заштита на националното достоинство и враќање на
националната гордост.
„Секој
кој го негира правото на нашиот мајчин јазик треба да знае дека нема за милиметар
да попуштиме од тоа што се избориле нашите предци“; рече Мицкоски.
Тој посочи дека после 15
јули, ВМРО-ДПМНЕ најпрво економски ќе ја обнови државата, а потоа ќе
следи обнова на Македонија во секој поглед.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и
нејзините коалициски партнери денеска ќе имаат средби со граѓани и обраќања во
Демир Капија (17:00), во Неготино (18:30) и во Кавадарци (20:30).
Политичката платформа Македонски концепт ќе биде во посета на Изборната единица 3 и тоа во Велес (10:00), во Штип (13:00) и во Берово (16:30).Караванот на Македонски концепт вчера ги посети општините од втората изборна единица, Ѓорче Петров, Гази Баба и Куманово.