Кожена јакна во канализација е причина за застој на препумната станица од колекторот за фекални води од населбата Раклиш
Фрлена кожена јакна во канализација е причината за застој на препумната станица од колекторот за фекални води од населбата Раклиш кон пречистителната станица и поради што ЈП Плаваја од Радовиш апелира и ги замолува граѓаните одговорно да се однесуваат и да не фрлаат секеков вид на отпадоци во фекалната канализација, бидејќи доаѓа до запушување на истата а со тоа и до поголем проблем од кој пак најмногу страдаат граѓаните.
Во апелот се вели:
„Многу пати до сега апелираме во фекалната канализација да не се фрлаат предмети, најлони и останати материјали кои доведуваат до запушување на цевководите и нанесуваат штети како на нас како претпријатие така и на околината каде се излева фекалната вода. Денес настана застој на препумната станица од колекторот за фекални води од населбата Раклиш кон пречистителната станица. Тоа што беше причина за застојот е кожена јакна која беше вшмукана делумно од пумпата. Ова само зборува за тоа колку сме некултурни и неодговорни кон се она што значи општествено добро. Пред околу 50 години се почнало со градба на фекалната канализација на територијата на нашата општина имало многу запушувања, некои од нив и намерни, но ваква „инвентивност“ во наоѓање на начини за запушување на фекалниот цевковод од Раклиш до пумпната станица не е забележана на друго место. Во оваа прилика сакаме да упатиме порака до жителите на населба Раклиш да се однесуваат одговорно и кон инфраструктурата и кон животната средина. Кожената јакна е во пречистителната станица, не е оштетена и го известуваме сопственикот дека може да отиде и да си ја подигне, а доколку не му е потребна, наместо да ја фрла во канализациониот систем, истата може да ја донира на некој кој нема облека, лично или преку невладините организации кои се грижат за таква категорија на граѓани“ стои во апелот од ЈП Плаваја.