Македонија

Филипче: Инфективните одделенија и клиниките се оптоварени, дел од здравствените работници навистина се изморени

Министерот за здравство Венко Филипче, на денешната прес-конференција информираше дека во изминатите два-три дена интензивно се работи на организација и планирање на капацитетите, со цел да се одговори на напливот на пациенти со КОВИД-19. Во овој момент, бројката изнесува околу 330 хоспитализирани пациенти во сите јавни здравствени установи во државата.

„Инфективните одделенија и клиниките се оптоварени, дел од здравствените работници навистина изморени, после четиримесечна борба со коронавирусот, состојбата на сите одделенија бара постојан надзор и реорганизација на работата. Целиот фокус во овие изминати денови го насочивме кон клиничкиот дел и менаџментот на пациенти во периодот којшто е пред нас. Во оваа фаза од епидемијата мора да се организираме и да се подготвиме за целосно амортизирање на напливот на пациенти преку мобилизација и организација на сите расположливи ресурси во нашата земја. Мораме и можеме да го заштитиме здравствениот систем, да го намалиме колку што може повеќе притисокот врз здравствените работници и да обезбедиме прием и добро лекување на сите пациенти кои имаат потреба од тоа“, потенцираше министерот Филипче.

Од вчера на ротација и помош во Скопје на Инфективната клиника и во ГОБ „8 Септември“ пристигнаа вкупно 54 доктори и медицински сестри. Тие веќе почнаа да работат, со што е намален притисокот којшто го имаше во изминатите денови. Веќе е направен план и за следни ротации и прераспределба на кадар, како од клиниките, така и од сите болници и здравствени домови од земјава. Во моментот капацитетите на клиниките и одделенијата се различно пополнети, во зависност од капацитетите, пополнетоста е далеку од максимумот, повеќето клиники и инфективни одделенија и покрај тоа имаат потреба од поддршка, од дополнителен број доктори и сестри и токму тоа се спроведе во изминатите денови.

„Во однос на реорганизацијата веќе разговарав и со приватните клиники и болници, кои го понудија и својот персонал како поддршка, за што и во овие денови кои се пред нас ќе направиме распоред, после што ќе ја известиме јавноста и по потреба и тој кадар ќе биде на помош во јавно здравствените установи. Направен е увид во сите јавни здравствени установи. Точно е проценет расположливиот број на кревети и персонал, и во однос на тоа состојбата е следна: на Инфективната клиника од вчера практично се користи и дополнителниот капацитет на монтажната болница со дополнителни 72 кревета, во овој момент таму се сместени тројца пациенти. Целосно е обезбедено ова одделение со доктори и експерти по инфективна медицина, колеги интернисти и медицински сестри. Целосно е опремено одделението со апарати за притисочна поддршка со кислород, пулсоксиметри, монитори и целата друга медикаментозна терапија којашто е потребна за третман на пациентите“, рече министерот Филипче.

Во однос на капацитетите во болницата во Битола, во овој момент се располага со вкупно 20 слободни кревети, а овој капацитет со дополнителен број кревети може да се надополни и од другите одделенија. Филипче напомена дека во оваа болница состојбата со кадарот е добра и истиот не недостига, дури и доколку се активираат поголем број кревети.

Во болницата во Кавадарци на располагање се 16 кревети, исто така, целосно е подготвен и персоналот, специјалисти интернисти и медицински сестри и во овој момент таму нема сместено пациенти.

Во тетовската болница има осум дијагностицирани пациенти. Со оглед на големиот број позитивни од овој регион, направен е план да се обезбедат до 100 слободни кревети, со заземање кревети од одделенија кои сега не се користат целосно, односно се ставени на некој начин во резерва.

Во Охрид има уште пет слободни места, меѓутоа во договор и секојдневна координација со болницата во Битола, се подготвени и двете болници во смисла на регионални центри, пред се за третман и на пациентите коишто доаѓаат од Струга и од струшкиот регион.

Во ГОБ „8 Септември“ каде имаше навистина голем притисок во изминатите денови има слободни кревети, близу 250. Сегашниот кадар е целосно посветен во третман на пациентите кои се таму сместени и во таа смисла, со поддршка, со дополнителен број лекари и сестри, веќе е направен список на колеги коишто ќе бидат на располагање, за да може да се сместат и нови пациенти доколку за тоа има потреба.

„Покрај персоналот, којшто го понудија приватните болници, може да се очекува доколку затреба да се искористат и нивните сместувачки капацитети. Засега тоа не е потребно, но го имаме во предвид како вкупна бројка на кревети, како и кревети за интензивна нега, нешто што го најавивме и што го сметавме како поддршка на нашите капацитети и на почетокот на кризата. Деновиве со сите директори на болниците сум во интензивен контакт. На дневна основа се прават овие проценки, организација, реорганизација, многу е важно состојбата да се држи под контрола и на дневна основа се прават планови, по потреба прераспределба и на пациентите кои што се сместени и секако на кадарот“, информираше министерот Филипче.

Тој посочи дека целиот менаџмент на клиниките и одделенијата е максимално мобилизиран и верува дека успешно ќе одговориме и на овој голем предизвик.

Media Press

Автор на инфорамцијата

Recent Posts

Поевтинуваат горивата

Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 84 денари, а на ЕУРОСУПЕР БС-98 — 86 денари…

4 часа ago

ТРИБИНА ЗА КРСТЕ ПЕТКОВ МИСИРКОВ – вековна мисла и неизбришлив темел на македонскиот идентитет

Во чест на еден од најзначајните великани на македонската национална и јазична мисла, Крсте Петков…

5 часа ago

Пензионерите од Василево добија пензионерски клуб

Викендов,  во Домот на културата, градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, заедно со пензионерите, со…

6 часа ago

ФАТЕН СО АКТИВНА ЗАБРАНА: Управувал со возило спротивно на законската мерка – забрана за управување на возило!

На 12.11.2026 во 15:50 часот во Гевгелија, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија го лишија…

3 дена ago

Општина Струмица со награден фонд до 130.000 д. за најдоброто идејно решение за Градски плоштад ,,Гоце Делчев“ – Струмица

ПОТСЕТУВАЊЕ ДО ГРАЃАНИТЕ: РОКОТ ЗА ИДЕЈНИТЕ РЕШЕНИЈА ЗА ГРАДСКИОТ ПЛОШТАД „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ Е ПРОДОЛЖЕН ДО…

3 дена ago

Општина Струмица денес ја одржа 18-та седница на Советот на општина Струмица

Нови развојни планови за Струмица, финансиска стабилизација и инвестиции во 2027 година! На денешната 18-та…

3 дена ago