„Во наредните седум дена очекуваме бројот на примени пациенти да биде поголем од бројот на испишани, и затоа овој бран и наплив во болниците треба да се издржи, затоа што има план кој веќе се спроведува. После овој период се очекува намалување на бројот на хоспитализирани пациенти“, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Тој посочи дека целиот менаџмент на клиниките и одделенијата е максимално мобилизиран и верува дека успешно ќе одговорат и на овој голем предизвик. Според него, ова е најголемата здравствена криза во нашата земја досега.
„Никогаш не сме се соочиле со ваква здравствена криза. Не е воопшто лесно, но имаме и знаење и капацитет и начин на организација и план што веќе се спроведува за оваа криза да ја надминеме. Досега одлично се менаџираше кризата, го подготвивме системот за ова сценарио и сега го спроведуваме. Барам силна поддршка од граѓаните, од сите чинители во општеството, за здравствените работници. Барам разбирање и трпение кај граѓаните, на кои заради оваа криза им се откажани претходно закажаните прегледи и интервенции и верувам дека ќе се вратиме во нормала брзо и тие повторно ќе имаат пристап кон здравствените услуги, но во овој момент сите сили ги насочуваме за да излеземе од оваа криза“, додаде Филипче