Пандемијата со корона вирусот имаше огромно влијание кон промена на навиките на домашните купувачи, кои голем дел од онлајн купувањето го пренасочија кон домашни е-продавници, наместо кон странски земји и странски онлајн продавници, што се потврдува со огромниот раст на трансакциите реализирани кон домашни е-трговци.
Како што соопшти Асоцијацијата за електронска трговија на Македонија (АЕТМ), повикувајќи се на податоците од Народната Банка на Република Македонија за безготовински платежни трансакции, влијание кон зголемување на е-трговијата има и затворањето на границите и проблемите со доцнењето со испораките на производи купени од странските земји и продавници, како и стравот од нарачка на производи кои потекнуваат, пред сè, од земји кои беа со голем број заразени лица од вирусот ковид-19.
Во текот на првото тромесечие од 2020 година, граѓаните на Македонија со домашни платежни картички кон македонски онлајн продавници потрошиле околу 28,9 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 17,9 милиони евра или 61,5% во однос на истиот период претходната година.
Само во месец Април во споредба со просечниот месечен број на е-трговци има 4,5 пати повеќе регистрирани е-трговци, велат од Асоцијацијата и истакнуваат дека во текот на март и април до нашите банки се доставени 346 барања за отворање е-продавници, од кои пак не се сите регистрирани во е-трговци, бидејќи дел не биле комплетни.