Министерот Венко Филипче на вчерашната прес конференција рече дека согласно сите овие анализи од претходните
денови и денеска беше констатирано дека нема неконтролирано ширење на вирусот.
Тој потенцира дека се разговарало и
за евентуално воведување на дополнителни рестриктивни мерки, со заедничкиот став да се почекаат податоците од следните два до три
дена, и после тоа да се донесе одлука.
„Во меѓувреме, е заклучено поинтензивно
Министерството за внатрешни работи да работи на контрола на теренот, за
имплементација на мерките коишто се веќе на сила. Притоа, за дополнителни
рестриктивни мерки се сметаат ограничување на движењата во смисла на карантин
за одредени делови, каде што има поголем број на дијагностицирани пациенти и воведување
на полициски час повторно локализирано таму каде што тоа ќе биде индицирано“, додава Филипче.
„Анализата на епидемиолозите покажа дека бројката е повисока
но сите тие пациенти произлегуваат од контактите. Согласно анкетите дадени во
изминатите неколку денови правиме интензивен скрининг, тестирање на сите
контакти коишто ги даваат новодијагностицираните. Оваа стратегија продолжува и
понатаму, паралелно на веќе постојната првична стратегија за дијагностицирање
на симптоматските пациенти и таргетираниот скрининг на вработените во повеќе
групи“, рече Филипче.
Министерот Филипче информираше дека еден од главните проблеми
со кои се соочуваат колегите, а за што било разговарано вчера, е слабата
соработка со дел од граѓаните, одбивањето да се тестираат, одбивањето да се
пријават во болница, дури и кога имаат симптоми, па тоа го прават многу често
нивните соседи.